Собраниско раководство

Петок, 24 ноември 2017 година

Обраќање на претседателот Џафери на меѓународниот настан „16 дена активизам против родово насилство“

Дами и господа,
Ваши екселенции,
Почитувани колеги,

„Сите човечки суштества се раѓаат слободни и еднакви по достоинство и права. Тие се обдарени со разум и совест и треба да се однесуваат еден кон друг во духот на братството“.

Ова стои во првиот член на Универзалната Декларација за човековите права што на десетти декември 1948 година беше потпишана во Обединетите Нации и оттогаш, тој ден се одбележува како ден на човековите права и слободи. Веќе во вториот член продолжува со „Секој има право на сите права и слободи наведени во оваа Декларација, без разлика од кој било вид да е: раса, боја, пол, јазик, религија, политичко или друго мислење, национално или социјално потекло, имот, раѓање или друг статус.“ Јасно е дефинирана универзалноста и ширината на човековите права и слободи. Од ова, јасно се гледа дека во сетот човекови права и слободи спаѓа и родовата рамноправност, а од 1991 година, на 24 ноември, во цел свет почнува шеснаесетдневен активизам против насилството врз жените и тие денови симболично се обојуваат во препознатлива портокалова боја, а завршуваат на 10 декември, кога и се одбележува Денот на човековите права.

Се сеќавам дека по тој повод лани, скопското Кале беше симболично обоено во портокалова боја а годинава, така ќе биде обоено Собранието на Република Македонија. Тоа ќе биде многу силна порака, како до нас пратениците, така и до извршната власт, невладиниот сектор и сите релевантни субјекти а пораката е следна: родовата рамноправност е динамична категорија која треба постојано да се следи и надградува. Во исто време, како субјекти сме обврзани на еден активен пристап во борбата против какво било насилство врз жените, почнувајќи од домашното насилство, па се до меѓународната трговија со луѓе, пред сè со жени и девојки кои најчесто се ставаат во класично сексуално ропство. Тој активен пристап, никако не смее да застане само на овие шеснаесет дена туку, треба континуирано да се практикува, се додека не прерасне во секојдневна навика и грижа за оваа категорија на луѓе.

Дами господа, 
почитувани пријатели,

Нема да зборувам за Уставот на Република Македонија, ниту за сетот закони со кои од формален аспект, многу добро е уредена родовата рамноправност, како и борбата против насилството врз жените. Меѓутоа, како што реков, ова е динамична категорија и бара постојано следење, истражување и секако, ако е потребно и измени и дополнувања на постојните законски решенија или пак донесување нови закони.Мислам дека Собранието токму тука може да одигра активна и многу значајна улога, користејќи ги сите механизми кои ги има на располагање според Уставот, Законите и Деловникот за работа. Тука мислам на јавните дебати, на надзорните расправи, па се до иницирање на законски процедури за измени и дополнувања на законите или пак, донесување на нови законски решенија за оваа проблематика. Сакам да ја спомнам Комисијата за еднакви можности на жените и мажите, потоа, Постојаната анкетна комисија за заштита на правата на граѓаните, Клубот на пратенички, Интерпартиската лоби група и други кои на несебичен начин го даваат својот придонес за ова горливо прашање. Притоа, морам да потсетам, иако не се гордеам со тоа, дека ние сме сè уште, ако можам така да се изразам, машко општество во кое се сè уште присутни предрасудите и стереотипите, кога станува збор за родовата рамноправност. Се уште сме општество во кое е присутно семејното насилство и други,  за жал негативни појави во кои жртви се жените и девојките. Во овој ангажман, па ако сакате и битка за остварување на едно од темелните човекови права и слободи, исто толку значајна е и улогата на невладиниот сектор, потоа образовниот систем и соодветните научни дисциплини како што се на пример, социјалната психологија, социјалната антропологија и други, потоа, народниот правобранител и секако, огромна улога и одговорност имаат медиумите во остварувањето на родовата рамноправност со тоа што ќе ги разобличуваат за потоа да следи санкционирање на сите негативни појави во кои жртви се жените и младите девојки.

А, во однос на овие шеснаесет дена на активности во знак на портокаловата боја, мислам дека се добра прилика за сите заедно да можеме да процениме што сме направиле за една година, што конкретно сме постигнале и каква е актуелната состојба кај нас но и пошироко и, што планираме да направиме во иднина. Верувам дека сите заедно, со заеднички напор, можеме многу да направиме, особено во борбата против какво било насилство врз оваа категорија на засегнати жени и млади девојки. 

Тоа е наша човечка и цивилизациска вредност и обврска, а жртвите, гледано во една поширока хумана смисла, се нашите мајки, сестри или ќерки кои ќе можат секогаш да се потпрат на нас. 

Ви благодарам на вниманието!

Click