Собраниско раководство

Петок, 4 мај 2018 година

Обраќање на претседателот Џафери на отворањето на четвртата едиција на Европската недела „Денот на Европа“, организирана од Институтот за меѓународни и политички студии, во општина Чаир

Почитуван потпретседател на Влада, г. Османи, 
Почитуван градоначалник г. Ганиу, 
Драги студенти,
Дами и господа,

Драго ми е што денеска се наоѓам тука помеѓу вас, на отворањето на оваа четврта едиција на „Денот на Европа“, настан којшто се одржува секоја година во месец мај и каде што се слави мирот и единството во Европа. Тоа е датум којшто ја одбележува годишнината од историската „Шуманова декларација“, а Шуман е, знаеме сите, еден од татковците на денешната Европска Унија. Тој имал визија за нова форма на политичка соработка во Европа, форма со која би се спречиле понатамошни конфликти помеѓу нациите во Европа. Неговиот предлог за една таква европска институција се смета за почеток на тоа што денес е Европската Унија. Таа е позитивен пример којшто опстојува со години и е инспирација за сите земји кои сакаат да се развиваат во демократски дух, со почитување на индивидуалните и колективните права на граѓаните.  

Република Македонија, уште од самиот почеток на своето осамостојување, јасно и недвосмислено го зацрта својот пат и ги определи своите стратешки приоритети. Еден од нив е полноправното членство во Европската Унија и за тоа имаме несомнена поддршка од сите граѓани. Поддршката значи охрабрување да се истрае, значи доверба дека сме на вистинскиот пат и над сè, значи одговорност за сите што на кој било начин можат и се повикани да работат на исполнувањето на таа цел, со една и единствена намера, да имаме економски стабилна, безбедносно сигурна и регионално и пошироко атрактивна земја за достоинствен живот и работа на нашите граѓани, добредојден сосед со добронамерна регионална политика и посакуван партнер во регионалните и глобални иницијативи. Иако на нашето патешествие наидуваме на разни тешкотии кои го отежнуваат постигнувањето на таа цел, затоа што реформите никогаш не се лесна работа и никогаш ништо не тече така глатко како што се пишува, сепак во едно сме убедени, а тоа е дека иднината на нашата земја е во европското семејство, со изградени европски вредности, таму каде што и цивилизациски припаѓаме. 

Дами и господа,

Добивањето на најновиот позитивен и безусловен Извештај за напредокот на Република Македонија од Европската комисија, не само што е потврда и признавање на нашите досегашни напори, туку е и поголема обврска за удвојување на нашите ангажмани, затоа што само тогаш резултатите нема да изостанат. Планот 3-6-9 на Владата на Република Македонија е план за сите нас, план за кој што работиме, соработуваме и придонесуваме сите заедно, и Собранието, и Владата, и невладиниот сектор, а со усвојувањето на последните реформски закони, можам да кажам без двоумење дека и опозицијата го дава својот придонес за оваа реформска агенда. Притоа, морам да ја спомнам огромната и несебична помош и поддршка и од нашите меѓународни пријатели, кои се секогаш тука за да не посоветуваат, да ни сугерираат, но се разбира и добронамерно да нè критикуваат тогаш кога не сме на иста линија со нашите приоритети. Оттука, сакам јавно да упатам благодарност до сите нив.

На крај, сакам да им честитам на сите студенти кои учествуваа и секако тие што победија на натпреварот за пишување есеј за Европската Унија и воедно да им посакам и ним, меѓутоа и на сите млади и сите граѓани на нашава земја, сонот за Европа да стане реалност за сите нас!

Ви благодарам на вниманието.

Click