Собраниско раководство

Четврток, 25 октомври 2018 година

Обраќање на претседателот Џафери на промоцијата на студијата „Проценка на влијанието на регулативата за употреба на јазиците во Македонија“

Дами и господа,
Почитувани присутни,

Дозволете на самиот почеток да го истакнам моето задоволство што како претседател на Собранието учествувам на промоцијата на студијата со наслов „Проценка на влијанието на регулативата за употреба на јазиците во Македонија“, студија за која верувам дека ќе помогне во натамошната имплементација на Законот за употреба на јазиците во Република Македонија.

Правото на користење на мајчиниот јазик и неговата употреба, сфатено во најширока смисла на зборот односно во приватниот и јавниот живот и делување на секој поединец или етничка заедница е едно од темелните, индивидуални но и колективни човекови права. Денес, на ниво на меѓународната заедница и меѓународните асоцијации и организации имаме многу документи кои ја  уредуваат оваа проблематика. Ќе почнам од Повелбата на Обединетите нации, потоа повеќе резолуции и конвенции на Обединетите нации, како и документи на Советот на Европа и на Европската Унија, кои на многу јасен начин го уредуваат ова индивидуално и колективно право. Да потсетам дека овие меѓународни документи денеска се составен дел на националните законодавства во секоја демократска држава. А верувам дека сите го делиме мислењето дека Република Македонија успешно гради демократско, мултиетничко, мултикултурно општество кое се темели врз целосно почитување на човековите права и слободи, вклучувајќи го и правото на употреба на мајчиниот јазик. Секако дека во овој процес на носење на закони и нивната имплементација, клучна улога има Парламентот, и тоа од две причини. Првата е законодавната функција со која преку законодавниот процес, секој нацрт-закон, со амандмани може да се подобри, може да се измени или да не се прифати. Во овој процес, Собранието може да ја вклучи и експертската јавност, невладиниот сектор и други општествени субјекти, секако и јавноста преку медиумите, а сето тоа придонесува за квалитетот на самиот закон, меѓутоа ја зголемува и транспарентноста и отчетноста пред граѓаните од кои сме и избрани. Втората, исто така важна функција на секој демократски парламент е неговата надзорна функција. Кога еден закон ќе биде донесен, имплементација ја врши пред сè извршната власт додека законодавната власт, односно Собранието може преку широки јавни расправи да врши надзор како се одвива имплементацијата и да посочи на одредени негативни појави ако ги има, недоследности или нефункционалности во практичната примена на законот. 

Знаете дека Владата на Република Македонија минатата година достави до Собрание на Република Македонија нов Закон за употреба на јазиците и истиот, во една целосно легитимна и транспарентна процедура беше усвоен од страна на пратениците. Инаку, Законот својата потреба и оправданост ја црпи од Уставот на Република Македонија, поточно од амандманите на уставот кои произлегуваат од Охридскиот рамковен договор односно петтиот амандман со кој што се менува и дополнува Член седум од Уставот на Република Македонија кој што во став четири ја санкционира можноста за употреба на другите службени јазици различни од македонскиот јазик, доколку тоа се уредува со закон и тука е уставниот извор на правото на соодветните, легитимни институции за предлог законот што беше пред Собрание. Познато ви е што сè се случи со овој закон односно, целата дебата што се одвиваше пред локалните избори во 2017 со претензија дека со дебатата ќе порасне волјата или поддршката во политичка смисла на субјектот кој претендираше дека ќе го попречи донесувањето на законот. Всушност се случи спротивното, поддршката за субјектот отсуствуваше и тоа во значителна мера, нешто што кореспондира со фактот што граѓаните не прифаќаа таква дебата да се одвива во Собранието туку напротив, со својата волја на гласањето покажаа дека се за политиките на актуелното владино мнозинство односно парламентарно мнозинство кое беше и предлагач на овој закон. Господин Иванов којшто навистина е легален претседател на државата меѓутоа кој што одамна го има изгубено својот легитимитет не сака да го потпише указот со кој јазикот за употреба на јазиците, со објавувањето во Службениот весник на Република Македонија стапува во сила. Кога сме тука, треба да се потенцира фактот дека шефот на државата, има суспензивно право по првото усвојување на секој предлог закон во Собранието. Во тој случај, според Уставот, законот се враќа на повторно усвојување во Собранието и доколку, а Уставот го санкционира тоа прецизно, доколку на повторното гласање законот добие поддршка од мнозинството пратеници од вкупниот број пратеници а во нашиот случај кореспондира со минимум 61 глас а всушност на првото гласање законот доби 69 гласа а на второто гласање доби 64 глас и тоа кореспондира со уставната определба на мнозинството санкционирано во Уставот и во тој случај претседателот на државата нема друга алтернатива освен да го потпише указот за објавување на законот, инаку тогаш конкретната постапка на претседателот на државата ќе значи еклатантно прекршување на уставните норми. Неговото, би рекол политикантско објаснување, е дека законот е противуставен. Верувам дека, секој апсолвент на право знае дека само Уставниот суд може да одлучи дали еден закон или друг акт е во согласност со Уставот или не. Но за жал, Иванов не само што не сака да го потпише спомнатиот Закон туку, иако е дел од извршната власт, тој сега ја опструира уставната положба на законодавниот дом, а во исто време ги презема и надлежностите на Уставниот суд, нешто што не му припаѓа со Устав, како носител на извршната власт на ниво на државата. Се надевам дека од ова, сите ќе извлечеме поука како не треба да се владее. А верувам дека сега, со усвојувањето на иницијативата за уставните промени со кои ни се отвораат вратите за полноправно членство во НАТО и започнување на преговори за членство во ЕУ, многу побрзо и многу поквалитетно ќе градиме правна и функционална држава во која ќе имаме владеење на правото а не владеење на партиските интереси. Ќе продолжиме со развојот на нашето мултиетничко општество во кое пред сè и над сè ќе биде почитувањето на индивидуалните и колективните човекови права и слободи. Додека сум тука, само сакам да нагласам дека претседателот на државата, не дека само со овој закон останува на ставот на неспроведување на уставните одредби туку истиот став го повторува и за законот за ратификација на Договорот со Грција, нешто со што од корен го прекршува, односно го отежнува правниот систем на парламентарната демократија која е санкционирана со нашиот Устав каде главната улога на соодветните институции е на Парламентот и каде според начелата на парламентарната демократија, волјата на Собранието не може да се отфрли од ниту една волја на другите власти, напротив, Уставот  санкционира посебен орган на државно ниво кој има надлежност на оценување на уставноста на законите и другите акти што ги донесува Собранието и е единствениот орган што ја има таа надлежност.

Почитувани присутни, 

Ја следев презентацијата на студијата посветена на Процената на влијанието на Законот за јазици во Република Македонија. Како што реков на почетокот, се надевам дека оваа студија ќе најде свое место во повеќе институции и дека ќе биде значајна алатка во натамошната имплементација на Законот. Во оваа пригода, сакам да истакнам дека Собранието и јас лично, поаѓајќи од моите деловнички и уставни надлежности, ќе се залагаме и ќе работиме на натамошен развој и имплементација на човековите права и слободи. Преку постојната анкетна комисија, преку надзорните расправи, ќе работиме како  еден вид на чувари и гаранти на доследното остварување на овие права и слободи, секако заедно со другите институции и туку мислам пред сè на омбудсманот но и на невладиниот сектор и стручната јавност. Во исто време, сакам уште еднаш да потенцирам дека остануваме отворени за квалитетна соработка со невладиниот сектор, особено кога станува збор за креирање на нови, позитивни политики и тоа во сите сфери. Затоа, на крај, сакам искрено да се заблагодарам на авторите на оваа студија, д-р Јосипа Ризанкоска и д-р Јасмина Трајкоска, со надеж дека и понатаму ќе продолжат со својата научна и истражувачка дејност, а ќе поттикнат и други млади научници и истражувачи да се развиваат во таа насока. Секако, изразувам почит и до Европската Унија која помогнала во реализација на ова истражување, како и на невладините организации кои активно учествуваа во остварувањето на овој научно истражувачки проект.

Ви благодарам на вниманието.

Click