Собраниско раководство

Понеделник, 2 април 2018 година

Обраќање на претседателот Џафери на Првата годишна конференција на Министерството за финансии по повод 26-годишнината од носењето на првиот Буџет на независна Република Македонија на тема „Управување со јавните финансии и економски раст - комплементарни или спротивставени?“

Почитуван министер за финансии, 
Почитувани колеги пратеници,
Ваши екселенции, 
Дами и господа почитувани присутни,
Почитувани медиуми,

Пред дваесет и шест години, кога е донесен првиот буџет на Република Македонија, покажавме на домашната јавност, а пред сè на економските субјекти, но и на меѓународната јавност и меѓународните финансиски организации, дека како држава сме способни да го испланираме, да го донесеме, да го полниме и да го реализираме буџетот без кој не може да се замисли ниту една функција на државата.

Нема да зборувам за структурата на буџетите, нема да дадам оценка дали буџетите во овие 26 години биле развојни или пред сè само социјални, тоа го препуштам на експертите кои денеска се присутни овде. Јас, повеќе би се задржал на улогата на Собранието при донесувањето на буџетот, но и врз надзорната улога на Собранието врз трошењето на буџетот. Во современиот демократски свет, а пред сè во рамките на Европската Унија, токму врз основа на тоа како се остваруваат овие два принципа се мери и вреднува демократскиот капацитет на одредена владејачка структура и воопшто степенот на демократијата во една држава.

Почитувани,

Кога зборуваме за улогата на Собранието, за жал, морам да ги споменам настаните од 24 декември 2012 година, настани познати во јавноста како црн понеделник, а беа, како што знаете, директно поврзани со донесувањето на буџетот. За ова прашање неодамна зборував и на една телевизиска емисија, а и пред тоа, кога ја презедов функцијата претседател на Собранието. Тогаш, а еве и денес, повторувам пред вас дека сè додека јас сум прв помеѓу еднаквите, нема да дозволам да се случи некојси нов „црн понеделник“ или пак, да се случи 27 април 2017 година. Верувам дека сите ние извлековме поуки од овие настани, односно ја научивме историската лекција дека со насилство не се гради ниту демократија, ниту функционални институции.

Сепак, да се вратам на улогата на Собранието при донесувањето на буџетот. Во Република Македонија, ако гледаме од нормативен аспект, при тоа мислам на соодветните закони од оваа проблематика, како и на Деловникот за работа на Собранието и можностите што ги дава за парламентарната контрола врз буџетот, можеби и не сме толку лоши. Постојат повеќе механизми и форми за тоа. Да ја споменам само улогата на Комисијата за финансирање и буџет при донесувањето на буџетот, како и при донесувањето на ребалансите на буџетот. Но, со тоа не завршува улогата на Комисијата за финансирање и буџет. Според Деловникот, Комисијата може и преку други форми да врши контрола врз буџетот и тоа како врз приливот во државната каса, така и врз начинот како се троши, гледано по одредени дејности.

Понатаму, Собранието врши контрола на буџетот при разгледувањето и донесувањето на завршната сметка на Буџетот што Владата е должна да ја поднесе до 30 јуни секоја година. Таа контрола е можна и преку институтот Пратенички прашања, потоа преку разгледување на Годишниот извештај на Државниот завод за ревизија, па сè до можноста за надзорни расправи. Меѓутоа, останува отворено прашањето, колку како Собрание ги користиме на ефикасен начин овие деловнички и законски можности за контрола, како врз прибирањето, така и врз трошењето на парите на граѓаните. Ако сакаме да бидеме критични и објективни, тогаш мораме да признаеме дека ние заостануваме од она што е вообичаена пракса во развиените демократски држави. Сепак, за волја на вистината, мислам дека и кај власта, односно парламентарното мнозинство, а сакам да верувам и кај опозицијата, има позитивни промени во разбирањето и практикувањето на улогата на Собранието при донесувањето на буџетот, но исто така и во однос на надзорната улога врз трошењето на народните пари. Односно, парламентарното мнозинство не сака да биде само гласачка машина, туку сака аргументирано да расправа за буџетот, независно ви-за-ви извршната власт. Таков, самостоен, критичен, но и одговорен пристап, очекувам и од опозицијата. Патем, да споменам дека неодамна на овие теми имавме и меѓународна конференција на која со нашите меѓународни партнери и пријатели расправавме токму околу надзорната улога на парламентот врз буџетското ќесе. Верувам дека и денешната Ваша конференција ќе даде свој придонес во јакнењето на улогата на Собранието при донесувањето на буџетот, како и врз контролата на трошење, бидејќи како што реков на почетокот, само така можеме да градиме вистинска демократија, вистински функционални институции со максимална транспарентност и отчетност пред граѓаните.

Ви благодарам на вниманието.

Click