Собраниско раководство

Среда, 6 февруари 2019 година

Обраќање на претседателот Џафери на затворањето на хуманитарната кампања на Фондацијата „You Are a Sunflower”

Добар ден на сите,
Почитувани колеги пратеници,
Почитуван министер Филипче,
Почитувана директори Ставриќ и Ибраими,
Почитуван градоначалник Ганиу,
Почитуван амбасадор Река,
Почитувани претставници на Фондацијата, 
Почитувани здравствени работници,
Почитувани родители и деца,

Имам чест и задоволство да бидам тука и да ве поздравам во мое име и од име на пратениците на Собранието на Република Македонија на овој посебен, свечен ден, на денот на затворањето на Хуманитарната кампања на Фондацијата „You Are a Sunflower”. Фондација која имаше идеја, имаше волја и доволно хуманост и пожртвуваност во себе за да иницира хуманитарна кампања која не познава и не признава граници, и има тенденција да се прошири и пошироко во регионот. Започна во Тирана, продолжи во Приштина и денес сме еве тука, во Скопје на крунисувањето на оваa кампања која резултираше со набавката на техничката болничка опрема која недостасуваше во Одделот за онко-хематологија при Универзитетската клиника за детски болести во Скопје. 

Кога се обратија до Собранието за да се приклучиме на оваа кампања, прифативме без двоумење, се облековме во маичките со нивното лого со цел да испратиме порака до сите дека сите можеме да бидеме нечие сонце, сите можеме да зрачиме и грееме со нашите дела и постапки. Тоа е најмалото нешто што можевме да го направиме за оваа кампања. А како законодавен дом, можеме и ќе направиме многу повеќе. При тоа мислам на законодавство кое ќе се прилагоди и изготви секогаш со една единствена девиза – човекот пред се и над се! Сите заслужуваат функционално и достапно за сите здравство. Сите заслужуваат достоинствени услови за живот, меѓутоа и за боледување и лекување.

Децата, најдрагоценото, најважното а сепак, најбеспомошното битие. Се радуваме со нив, тагуваме со нив, боледуваме со нив. Ако притоа можеме барем малку да ја олесниме нивната болка, треба да го направиме и невозможното можно. Тоа ќе не направи подобри луѓе, хумани и грижливи, општествено одговорни професионалци, меѓутоа пред сè и над сè, луѓе. 

Знам дека со ова нема да се решат сите прашања што го тиштат нашето здравство, нашите здравствени работници, нашите драги дечиња меѓутоа, дозволете оваа капка во морето да биде капка која ќе започне бран кој ќе се шири и ќе ги разбранува срцата и мислите на сите кои на кој било начин можат да придонесат со своите дела и постапки во градење на еден похуман свет, похумано општество и достоинствен живот за сите. Насолзените детски очи болат и засегаат исто. 

Потребна е широчина во срцето, отвореност на умот и пред се и над се визија и посветеност, вие тоа го имате и јас ви посакувам вашата енергија никогаш да не згасне, бидете секогаш светилник и надеж за беспомошните. Честитки за вашата работа почитувани хуманитарци, честитки за вашиот елан, посветеност и неуморност! Нека светот биде за вас свет без граници! Бидете инспирација за луѓето низ цел свет, честитам!

Click