Собраниско раководство

Петок, 8 февруари 2019 година

Обраќање на претседателот Џафери по распишувањето на претседателските избори

Почитувани претставници на медиумите,

Пред малку ги потпишав Решението за распишување на шестите претседателски избори и Решението за распишување на предвремени избори за градоначалник на Општина Охрид, Општина Ново Село и Општина Дебар. Ова го направив согласно законската обврска, која ја имам како претседател на Собранието. Изборите ќе се одржат на 21 април.

Решението за распишување на изборите ќе биде доставено до Државната изборна комисија како орган за спроведување на изборите. Денеска ги избравме и новите членови на Комисијата за спречување на корупцијата и судир на интереси, со што ги заокруживме неопходните претпоставки за започнување на изборниот процес. Секои нови избори се можност за надградба на добиената позитивна оценка од претходните. Патот за НАТО и ЕУ интеграциите е трасиран. 30-тото столче во НАТО е веќе наше, сега останува одговорна и посветена работа на исполнување на неопходните критериуми за добивање датум за почеток на преговорите со Европската Унија. 

Во периодот кој доаѓа, Република Македонија ќе го полага тестот  на  капацитетот и зрелоста. Фер и демократски избори се еден од условите по кои ќе нè вреднуваат и оценуваат. Затоа, ги повикувам сите учесници во претстојната претседателска изборна трка, политички партии и Вас, граѓаните, да направиме максимални заложби Република Македонија да добие уште едни избори какви што и доликуваат на европска, демократска држава, заради остварување на стратешките евроатлантски аспирации на државата и заради доброто на граѓаните. Апелирам до сите учесници во изборниот процес да се однесуваат онака како што налага Уставот и законските норми, а надлежните институции да направат сè, денот на изборите да помине во мирна, демократска и свечена атмосфера. 

Почитувани граѓани, 

Јас сум уверен дека сите вклучени во изборниот процес ќе го дадат својот придонес изборите да поминат во мирна и демократска атмосфера. Граѓаните се единствениот легитимен авторитет кој има право да одлучи кој ќе ја добие честа и одговорноста да биде 6-от претседател на Република Македонија.




Click