Собраниско раководство

Вторник, 19 март 2019 година

Обраќање на претседателот Џафери во Будва, на Конференцијата на претседатели на Парламенти на државите членки на ЈЈИ

Почитуван Претседавач,
Драги колеги,Ваши екселенции,
Дами и господа,

На самиот почеток, сакам да го изразам моето задоволство од учеството на шеснаесеттата (XVI) Конференција на Јадранско Јонската иницијатива во која Република Северна Македонија е полноправен член од мај 2018 година, иако нашата соработка датира од многу поодамна. Да потсетам дека кога беше формирана Јадранско Јонската иницијатива во 2000 година како предлог на Италија, една од целите беше подобрувањето на развојот и соработката помеѓу земјите во регионот, зајакнување на безбедноста на земјите во регионот, и да им се даде поттик во процесот на интеграција во Европската Унија. Оттогаш па до денес, состојбите во регионот се многу променети и тоа во позитивна насока и на сите полиња.

Сето ова го споменувам од причина што, во изминатиов период многу експлицитно се потврдува улогата на парламентите во остварувањето на определбите запишани во основачката декларација на Јадранско Јонската иницијатива а секако и стратешките определби на оние држави од регионот кои сè уште не се членки на Европската Унија. Или, кажано со други зборови, во овие процеси на соочување со најразлични предизвици како на глобално така и на ниво на региони, парламентарната дипломатија има сè позначајна улога, секако сфатено комплементарно со класичната дипломатија.

Секако за стабилноста во регионот и неговата европска интеграција одговорноста е на секоја држава поединечно. Република Северна Македонија, со Договорот од Преспа го надмина деценискиот спор со соседна Грција со што се деблокира нашиот пат кон евроатланските интеграции но во исто време, има многу позитивен импакт и врз целиот регион, па и пошироко.

Знаете дека во тек е процесот на ратификација на Протоколот за наше полноправно членство во НАТО и сакам да ја искористам оваа прилика уште еднаш да се заблагодарам на националните парламенти на Грција, Словенија, Албанија, Бугарија, Хрватска, Романија, Литванија и секако нашиот домаќин, Парламентот на Црна Гора кои веќе го ратификуваа овој протокол.

Парламентарната соработка има повеќе форми, а јас посебно сакам да ја истакнам улогата на работните тела на парламентите. Дозволете да потсетам на некои позитивни искуства кои ги имаме во Собранието на Република Северна Македонија. Мината есен имавме многу успешна регионална конференција посветена на младите и младинските политики. Настан на кој учествуваа парламентарци од регионот и од Европскиот парламент, а ја отвори почитуваниот потпретседател на Европскиот парламент, господин Фабио Масимо Касталдо. Пред тоа, имавме регионална конференција на комисиите за финансирање и буџет, посветена на парламентарната контрола врз трошењето на буџетот и ред други настани. Секако, вакви и слични настани се одвиваат и во другите парламенти во регионот на кои нашите пратеници, членови на разни парламентарни комисии и тела активно учествуваат.

Дами и господа,

Во нашата асоцијација имаме четири држави, Италија, Грција, Хрватска и Словенија, кои се членки на Европската Унија додека сите останати сме аспиранти за полноправно членство. Имајќи предвид дека годинава, на ниво на Европската Унија ќе има избори за новиот состав на Европскиот парламент, а во исто време и процесот на Брегзит добива некои нови димензии, сосема е очекувано Брисел да посвети повеќе внимание на овие прашања. Во една таква реалност, за нас, државите аспиранти е многу важно да во рамките на Јадранско Јонската иницијатива ја интензивираме соработката преку парламентарните тела. Имено, парламентарните тела најчесто расправаат за конкретни прашања, како што беше на пример туризмот и културата, кои беа тема на денешната прва сесија. Но, тука не завршува листата на приоритетни прашања и теми за соработка. Ќе продолжам со прашања врзани околу безбедноста, особено ако се има предвид бегалската криза меѓутоа и други безбедносни прашања кои се поврзани со расплетот на состојбите во Сирија и поразот на ИСИС. Понатаму, прашања во однос на транспортната инфраструктура, прашања кои се однесуваат на реформите во правосудството, понатаму корпусот на човекови парава и слободи и така натаму, односно цела палета од теми на кои можеме да соработуваме. Прашања кои, иако на прв поглед се чини дека се однесуваат само на национално ниво, сепак имаат и значајна регионална димензија и затоа е неминовна регионалната соработка. Тоа што е многу битно е фактот што, од нашите пријатели, членки на Европската Унија, можеме многу да научиме околу тоа што ќе ни помогне во нашите реформи а во исто време, преку нив да ги артикулираме нашите интереси, нашите прашања а понекогаш можеби и дилеми во Европскиот парламент но и пред другите органи и институции на Европската Унија.

На крајот, би сакал уште еднаш да изразам благодарност до нашиот домаќин, Собранието на Црна Гора, за успешно организираната средба, со искрена верба дека нашата регионална соработка ќе продолжи да се надградува и развива за просперитетот на сите наши граѓани и за целосна интеграција на регионот во Европската Унија.

Ви благодарам на вниманието!

Click