Собраниско раководство

Вторник, 12 февруари 2019 година

Обраќање на претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, г. Талат Џафери, пред пратениците во Државниот Збор на Република Словенија

Почитуван претседател на Државниот збор на Република Словенија, магистер Дејан Жидан,
Почитувани колеги пратеници,
Ваши екселенции, 
Дами и господа,
Уважени претставници на медиумите,

На самиот почеток сакам уште еднаш да го истакнам моето задоволство што можам денеска да се обратам во законодавниот дом на Република Словенија. Задоволството е уште поголемо ако се има предвид дека се обраќам пред вистински пријатели со кои споделуваме заедничка историја, пријатели кои многу ни помогнаа во создавањето на нашата сегашност, а јас сум убеден и дека како вистински пријатели ќе ја продолжиме нашата соработка и во иднина во рамките на евроатланските интеграции.

Ова наше пријателство кое се темели пред сè на меѓусебна почит како и на споделување на оние темелни вредности и принципи врз кои денеска е втемелена и се надградува здружена Европа, се покажа и се потврди вчера и денеска претпладне за време на работните средби со мојот уважен колега, претседателот на Државниот Збор, господин Дејан Жидан со координаторите на пратеничките групи како и со другите највисоки словенечки државни претставници. Односно, уште еднаш се покажа дека помеѓу нашите две држави нема отворени прашања и проблеми. Притоа, сакам посебно да ја истакнам улогата на двата парламенти кои во изминативе скоро три децении воспоставија многу интензивни но исто така и ефикасни билатерални, а во одредени примери и мултилатерални односи, и тоа како на ниво на претседатели на двата парламенти така и на ниво на работни тела, комисии  и парламентарната администрација. Овде, морам да ги спомнам и многубројните одржани твининг проекти, работилници  во кои беа вклучени пратеници и експерти од Државниот збор, но и од други институции кои беа во насока на јакнење на парламентарната демократија кај нас, а посебно на улогата на Собранието, како во неговата законодавна така и во надзорната функција.

Почитувани колеги,

Дозволете ми накратко да се осврнам на состојбите кај нас. Секако знаете дека неодамна усвоивме уставни промени со кои врз основа на таканаречениот Преспански договор, потпишан од владите на сега веќе Република Северна Македонија и Грција се надмина скоро три децении долгиот спор околу уставното име на нашата држава. Спор кој ја блокираше Македонија во нејзините стратешки определби, односно полноправното членство во НАТО и ЕУ. Вие знаете дека уште на Самитот на НАТО во 2008 година во Букурешт требаше да станеме членка на НАТО, заедно со Албанија и Хрватска со кои го изодевме заедно патот на исполнување на условите, но, тогаш бевме блокирани. Договорот од Преспа, со кој се надмина овој проблем не беше лесен ниту за Владата на сега веќе Република Северна Македонија, ниту за Владата на Република Грција. Бевме сведоци на демонстрации и протести на двете страни, и во Скопје и во Атина, особено кога договорот влезе во процедура на ратификација во националните парламенти. Тоа само по себе зборува дека овој договор, по својот карактер е таканаречен Вин-Вин договор, односно сите сме и победници и губитници. За нас, е најзначаен фактот што со усвојувањето на уставните амандмани, започна процесот за наше полноправно членството во  НАТО. Самиот процес кој во суштина го води Брисел вие веќе сте го поминале и добро го знаете. Ние се надеваме дека до крајот на оваа година протоколот за полноправно членство во НАТО што минатата недела свечено беше потпишан во Брисел од страна на 29 амбасадори на државите членки, ќе биде ратификуван во сите 29 национални парламенти а со тоа да станеме триесетта полноправна членка со сите свои права и обврски што ги има секоја членка на НАТО. 

И, како што неодамна во Скопје ми навести вашиот министер за одбрана господин Карл Ерјавец дека Словенија многу брзо ќе го ратификува протоколот, тоа и се случи. Навистина Ви благодариме од сè срце. И сакам искрено да Ви се заблагодарам во име на Собранието на сега веќе Република Северна Македонија и во име на граѓаните на Република Северна Македонија. Со ова, Словенија како држава и словенечкиот народ уште еднаш го потврдија пријателскиот но во исто време и принципиелниот однос кон Република Северна Македонија и кон нејзините граѓани. Верувајте, ние ова ќе го памтиме а секогаш сме знаеле да ги почитуваме и цениме нашите вистински пријатели, Словенија и словенечкиот народ тоа и се.

Но. да се вратам на уставните промени. Со нивната имплементација се деблокира и процесот на нашата интеграција во ЕУ. Јас се надевам дека годинава дефинитивно ќе добиеме датум за започнување на преговорите со Европската Унија. Верувајте, парламентарното мнозинство и актуелната Влада на Република Северна Македонија, а да бидам искрен, и опозицијата, имаме заеднички став дека мораме многу поинтензивно да работиме на процесите на интеграција во Европската Унија. Процеси кои налагаат многу сериозни и на моменти можеби и болни реформи во сите сфери, од судството, државната администрација, па ако сакате и образовниот систем па се до граѓанскиот сектор. Реформи во кои голема улога има Собранието. Затоа, веќе многу сериозно работиме на јакнењето на парламентарниот капацитетот, како на пратениците така и на собраниската администрација. Со ова го подигаме квалитетот на законодавната функција на Собранието, но исто така се зајакнува надзорната функција на парламентот и постигнуваме поголема отвореност и вклученост на невладиниот сектор. Токму на овие прашања можеме во голема мера да ги користиме вашите искуства, а јас сум убеден дека како и досега, така и во иднина ќе можеме од вас да ја добиеме потребната стручна и експертска помош. Во оваа пригода, сакам посебно да ја истакнам многу позитивната и конструктивна улога на словенечките пратеници во Европскиот парламент, кои секогаш знаеле да ги артикулираат и да ги бранат вистинските интереси и ставови на Република Северна Македонија.

Почитувани пријатели,

Дозволете накратко да дадам свои видувања на состојбите во регионот Западен Балкан. Со веќе споменатиот билатерален Договор со Грција, а претходно потпишавме и Договор за пријателство со Бугарија, надминати се многу антагонизми кои историски гледано, одамна се влечат на Балканот кој на меѓународната сцена го именуваа како „буре барут“.

Бидејќи од една страна, сите кои живееме на Балканот се определивме за полноправно членство во ЕУ а освен Србија и за НАТО, моравме да ги надминеме овие историски антагонизми кои одамна по својата суштина, барем поголемиот дел беа навистина ирационални, гледано од аспект на денешните процеси на глобализација.

Во овој момент, единствено отворено прашање во регионот се односите помеѓу Приштина и Белград. Тоа што е добро за двете страни а и за регионот во целост, е фактот дека владите и на Србија и на Косово решението го гледаат единствено преку дијалог. Во Република Северна Македонија, како сосед на Косово и на Србија, а имајќи ја предвид и етничката структура на нашите граѓани, посебно сме заинтересирани и во целост го поддржуваме дијалогот помеѓу Белград и Приштина и очекуваме ова прашање да биде решено што побргу.

Мислам дека на Балканот сите дефинитивно сфативме дека идеите за некакви големи национални држави се одамна надминати. Взаемното почитување, почитувањето на човековите права и слободи, владеењето на правото и функционално правни држави се оние основни стандарди без кои не може да се развива ниту една држава, а во исто време се кондицио сине ква нон за високо развиени билатерални и мултилатерални односи. Ова е уште поважно ако сите сме цврсто определени да станеме дел од големото европско семејство на кое, гледано не само географски туку и цивилизациски, припаѓаме.

Дами и господа,
Почитувани колеги,

Дозволете да се навратам на билатералните односи помеѓу нашите држави. Најпрво конкретно, сакам да ја искористам оваа пригода и да изразам благодарност до припадниците на Министерството за внатрешни работи на Словенија, поточно до припадниците на словенечката полиција кои се наоѓаат на северномакедонската - грчката граница заедно со нашата погранична полиција и полициските припадници на некои други европски држави, и посветено работат на обезбедувањето на таканаречената балканска мигрантска рута. Тоа е проблем кој по својот обем и интензитет ја засега цела Европа и тоа од повеќе аспекти, безбедносни, културни и социјални.

Сега би продолжил со другите аспекти на нашите билатерални односи, односно нашите односи на политички план, како и  во другите сфери, на планот на културата и образованието и со задоволство би констатирал дека се навистина многу добри. А што се однесува до економските односи, мислам дека тие заостануваат имајќи ги предвид можностите и имајќи го предвид јасното покажување интерес од двете стопанства за поголема соработка. Имено, од 2016 година се бележи раст во стоковната размена меѓу нашите држави и таа денеска се врти на околу 300 милиони евра во двете насоки и тоа го поткрепувам со следните податоци. На пример, во првите девет месеци од 2018 година се бележи пораст на стоковната размена од околу 7 проценти во однос на истиот период во 2017 година. Можеби е интересен следниот податок: во Македонија 1437 словенечки претпријатија извезуваат најразлична стока а 357 словенечки претпријатија се бават со увоз од Република Северна Македонија. Ова ветува сепак, останува огромен простор со неискористен потенцијал.  Запознаен сум со постоењето на заедничката комисија за економска соработка која е на ниво на министерства и која предвидува стоковната размена за неколку години да достигне скоро пола милијарда евра, за што и двете страни имаат изготвено и соодветен акциски план и ова ме радува. Мислам дека на сите ни е јасно дека парламентите не потпишуваат бизнис зделки, тоа е работа на извршната власт која склучува договори, врз основа на кои потоа претпријатијата и стопанските асоцијации ја воспоставуваат економската соработка. Меѓутоа, како парламенти, преку Ратификација на тие договори и преку донесување на законски решенија кои ќе ја олеснат оваа комуникација и преку нашата надзорна функција, ние можеме да придонесеме во создавање подобри услови за подинамична економска соработка и тоа на повисоко ниво, пред сè со заеднички инвестиции, користејќи ги погодностите што како држава ги нудиме на странските инвеститори. И уште еден аспект кога веќе ги спомнав инвестициите. Словенија како членка на Европската Унија има можност а има и знаење како да се искористат европските фондови токму кога станува збор за инфраструктурни објекти кај нас, но и во други сегменти од економијата и стопанството. Ние сме повеќе од заинтересирани да ги споделите тие искуства со нас. 

Сега сакам да истакнам уште еден важен сегмент кој не поврзува и е одлична основа за нашето искрено пријателство. Мислам на улогата и положбата на оние ваши граѓани кои по потекло се од Република Северна Македонија, без оглед дали станува збор за Македонци, Албанци или припадници на другите етнички заедници. Според моите сознанија, мнозинството од нив се многу добро вклопени во словенечкото општество и словенечкиот начин на живеење. Во исто време, словенечката држава има и конкретни програми а и средства за овие јас би ги именувал заеднички граѓани и мост на поврзување, да го зачуваат својот национален идентитет, култура и јазик, што навистина е за поздравување. Кај нас има многу мала група на наши сограѓани Словенци, но верувајте, тие се добро организирани а би рекол и, добро препознатливи во нашето општество.

Почитувани колеги и пријатели,

На крај, би сакал уште еднаш да го изразам моето лично задоволство, а и на целата делегација на Собранието на Република Северна Македонија за оваа уште една успешна и пред сè продуктивна билатерална средба. Почитуван претседател на Државниот Збор, г. Дејан Жидан, почитувани колеги пратеници, сакам да ви посакам успешна работа и се надевам дека наскоро ќе се видиме во Скопје, а до крајот на годинава ќе седиме заедно како рамноправни членки во НАТО а со тоа и во Парламентарното Собрание на НАТО алијансата.

Ви благодарам за вниманието.

Click