Собраниско раководство

Понеделник, 31 мај 2021

Претседателот Џафери на „Денот на високи гости“ на Криволак

Денеска, претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, присуствуваше на Денот на високи гости на армискиот полигон Криволак каде што се одвива воената вежба „Одлучен удар 21", на која што учествуваат припадници на нашата Армија и Армиите на Соединетите Американски Држави, на Грција и Бугарија.

„Одлучен удар 21“ започна на 17 мај и ќе трае до 2 јуни 2021 година и е вежбовна активност од поголеми размери и е во рамките на „Defender Europe 21" во која учествуваат 27 држави со 28. 000 војници и чија цел е да ја демонстрира подготвеноста на армиите за кредибилна одбрана која вклучува многу компјутерски поддржани вежби, теренска обука и воени гаѓања. 

 

Претседателот Џафери изрази огромно задоволство и нескриена гордост што како земја домаќин Република Северна Македонија, на првата година од нашето полноправно членство во НАТО Сојузот, успеавa да организира, се разбира во тесна соработка и со безрезервна помош од нашите сојузници, воена вежба на исклучително високо ниво, што само ја потврдува подготвеноста на нашата Армија, нејзината професионалност, способност за комуникација и соработка со други партнерски армии, и не само тоа, туку и нејзината рамноправност во одржувањето на мирот, стабилноста и безбедноста на Европа и регионот.

Радува и фактот што воениот полигон Криволак, со актуелниот потенцијал меѓутоа и со планираната ревитализација, ќе се вброи во светски признатите воени полигони атрактивни за реализација на воени вежби од светски формат.

На армискиот полигон во Криволак, покрај Претседателот Џафери, беа присутни и Претседателот Пендаровски, Премиерот Зоран Заев, министерката за одбрана на Република Северна Македонија Радмила Шеќеринска и други министри во Владата, министерката за одбрана на Црна Гора, потпретседателот на Собранието Горан Мисовски, членови на собраниската Комисија за одбрана, началникот на Генералштабот, генерал потполковник Васко Ѓурчиновски и други високи армиски претставници, Амбасадорката Кејт Мари Брнз, како и дипломатскиот кор присутен во Република Северна Македонија. 

Click