![](content/2021 ЏАФЕРИ/Sobraniski1.jpg)
Петок, 29 јануари 2021 година
СЛЕДНА ФАЗА:СОБРАНИСКИ КАНАЛ
Денеска се одржа настан во заедничка организација на Собранието на Република Северна Македонија и Програмата за парламентарна поддршка кој беше наменет за дијалог на тема „Реформата на Собранискиот канал и унапредувањето на парламентарното емитување“, во рамки на серијата политички дијалози наречени – „Планински разговори“.
![](content/2021 ЏАФЕРИ/Sobraniski3.jpg)
На настанот беа присутни и учествуваа во дискусијата претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, г. Талат Џафери, потпретседателите на Собранието г. Горан Мисовски и г. Фадил Зендели, координаторите или замениците координатори на пратеничките групи во Собранието, г. Диме Велковски, г. Никола Мицевски, г. Арбер Адеми, г. Скендер Реџепи, Генералната секретарка г-ѓа Цветанка Иванова како и претставници на партнерите од Програмата – амбасадорката на Швајцарија во Северна Македонија, Н.Е. Сибил Зутер Техада, тим лидерот на НДИ во Северна Македонија, г. Роберт Скот Хејслет како и претставници од собраниската служба и претставници на партнерите од Програмата. Како претставник на извршната власт на настанот беше присутен претседателот на Владата, г. Зоран Заев кој даде голема поддршка за реализација на оваа реформа.
![](content/2021 ЏАФЕРИ/Sobraniski5.jpg)
Во своето обраќање, претседателот на Собранието, г. Џафери истакна дека Следната фаза на "Програмата за поддршка на Собранието" во соработка со Амбасадата на Швајцарија, СДЦ и НДИ е доближувањето на парламентарните процедури до граѓаните, начините како тие можат да се вклучат во подобрување на функционалноста на Собранието и тоа преку целокупна операционализација на Собранискиот ТВ Канал, по примерот на многу парламенти во светот, со собраниско студио, опремено по најновите технологии, квалификуван и стручен кадар и простор за разновидни содржини поврзани со работата на пратениците и Собранието.
Реформата на Собранискиот канал е предвидена согласно Стратешкиот план на Собранието на Република Северна Македонија за 2021 – 2023 година, како дел од целите за отворен парламент, а како дел од Програмата за парламентарна поддршка. Целта на денешниот настан беше да се постигне договор помеѓу сите засегнати чинители и да се најдат модалитети вo насока на подобрување на општите капацитети за транспарентност и отчетност на Собранието. Реализација на целокупната реформа е како дел од Програмата за парламентарна поддршка која ја спроведува Националниот демократски институт, а финансиски е поддржана од Швајцарската агенција за развој.
Повеќе за оваа програма можете да прочитате на следниот линк. https://www.sobranie.mk/shvajcarska-poddrshka-na-sobranieto.nspx.