Собраниско раководство

Среда, 9 септември 2020

СРЕДБА НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ЏАФЕРИ СО Н.Е. КЛЕМЕНС КОЈА

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија Талат Џафери, денеска оствари средба со шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Н.Е. Клеменс Која.

Претседателот Џафери потенцираше дека високо ја цени улогата на ОБСЕ во развојот на демократските процеси во земјата, придонесот на ОБСЕ/ОДИХР со набљудувањето на  изборните процеси, како и континуираната соработка на Собранието со Мисијата на ОБСЕ во Скопје. Тој нагласи дека Парламентарното собрание на ОБСЕ, во кое активно учествува Собранието на Република Северна Македонија, претставува витална врска меѓу Организацијата и пратениците кои се директно избрани од граѓаните.

Амбасадорот Клеменс Која му го честита на Џафери повторниот избор за претседател на Собранието на Република Северна Македонија и нагласи дека Мисијата на ОБСЕ во Скопје ќе продолжи да соработува со законодавниот дом во спроведувањето на реформските процеси.

Претседателот Џафери и амбасадорот Која разменија мислења за приоритетите на Собранието на Република Северна Македонија во наредниот период, односно потребата за донесување на реформски закони во пресрет на меѓувладината конференција за отпочнување на преговори за членство во ЕУ, потребата за повторно разгледување на законот против дискриминација, за потврдување на одлуките за вонредна состојба и за измени на Деловникот согласно договореното преку Дијалогот Жан Моне.

На средбата стана збор и за неопходноста од овозможување на алтернативно работење на Собранието на Република Северна Македонија во услови на пандемија или други непредвидливи состојби.

Соговорниците ја нагласија плодната соработка меѓу Собранието на Република Северна Македонија и Мисијата на ОБСЕ во Скопје, со цел зајакнување на парламентарната независност, надзорната функција и демократската улога и изразија подготвеност за продолжување и продлабочување на соработката на овој план. 

Click