Собраниско раководство

Петок, 25 септември 2020

СРЕДБА НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ЏАФЕРИ СО ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА РЕПУБЛИКА СЛОВЕНИЈА ПАХОР

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија Талат Џафери, денеска оствари средба со Претседателот на Република Словенија, Н.Е. Борут Пахор.

Претседателот Џафери изрази задоволство од одржувањето на денешната средба со државник кој доаѓа од пријателска земја и промотор на нашите евроатлански интеграции. Интензитетот на билатерални средби на сите нивоа е само уште една потврда за одличните билатерални односи кои се градат и негуваат со години. Тој упати благодарност за поддршката во клучни моменти од нашата понова историја, а особено во време на кризи кога Словенија ја понуди својата помош со испраќање тимови на нашата јужна граница за справување со бегалската криза и актуелно, со медицински тим и заштитна опрема за справување со пандемијата предизвикана од Ковид-19.

Претседателот Џафери ја поздрави иницијативата на Пахор за Брдо-Бриони процесот и визијата за стабилизација на регионот преку регионална соработка, како чекор пред негова интеграција во Европската унија, како и за писмото упатено од страна на г. Пахор во март оваа година до претседателот на Европскиот совет, г. Шарл Мишел, со барање за отпочнување на преговорите со Република Северна Македонија и Република Албанија. Како 30-та земја членка на НАТО и земја која очекува формално отпочнување на преговорите за членство во ЕУ, земјата и нејзините институции се подготвени соодветно да одговорат согласно преземените договорни обврски, заклучи Џафери.

Претседателот Пахор изрази огромна благодарност за можноста за размена на мислења и за обраќање пред пратениците во Собранието на Република Северна Македонија, како израз на пријателство и градење сојузништва особено во тешки и непредвидливи времиња. Тој ја поздрави државничката мудрост на претходната влада и собраниското мнозинство за надминувањето на сензитивни и тешки билатерални прашања со соседите. Истовремено, му посака успех на претседателот Џафери во текот на мандатот и во донесувањето на претстојните стратешки одлуки за кои, како што рече, ќе биде потребно поголемо општествено обединување. „Република Словенија ќе продолжи да Ве поддржува на патот кон полноправно членство во Европската унија и на тој пат не треба да постојат неправедни условувања кои ќе го кочат процесот,“ заклучи Пахор. 

Инсерти

Click