Собраниско раководство

Понеделник, 21 февруари 2022

Средба на претседателот Џафери со Управувачката група од шведскиот Риксдааг

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, г. Талат Џафери, оствари средба со Делегација на Управувачката група на Шведскиот Риксдааг, предводена од г-ѓа Лота Јонсон Форнарве, втора потпретседателка на Шведскиот Риксдаг. Делегацијата престојува во дводневна студиска посета на Собранието Република Северна Македонија во рамките на соработката за демократски развој меѓу двата законодавни дома.

Посакувајќи им добредојде на членовите на шведската делегација, Претседателот Џафери истакна дека, Шведска е држава со долга парламентарна традиција и во време кога државата прославува 100 години демократија а Република Северна Македонија, 30 години независност, Собранието со големо задоволство ја прифати шведската иницијатива за воспоставување на соработка за демократски развој, која е заемно корисна како за двата законодавни дома, така и за двете држави. Тој потсети и на неговата многу успешна официјална посета на Кралството Шведска во 2017 година и аудиенцијата од Кралот на Шведска, Неговото Височество Карл XVI Густаф. Џафери нагласи дека за нас е особено драгоцено што и шведската јавност и шведскиот парламент даваат широка поддршка за членството на Република Северна Македонија во Европската унија и изрази надеж дека во следните месеци ќе бидат надминати пречките и дека ќе биде одржана првата меѓувладина конференција која ќе го означи и почетокот на преговорите за членство во Европската Унија.

Претседателот Џафери, нагласи дека во Република Северна Македонија, како мултиетничка, мултирелигиска и мултикултурна држава постои силна посветеност на градењето на општество во кое се почитуваат различностите, бидејќи тоа е камен темелникот на безбедноста и на просперитетот на државата. Во однос на регионалната соработка и односите со соседите, тој информираше дека континуирано се работи на создавање на позитивна атмосфера и тежнеење билатералните прашања да се решаваат во духот на добрососедството и основните европски вредности.

Втората потпретседателка на Шведскиот Риксдаг, г-ѓа Лота Џонсон Форнарве заблагодарувајќи се за топлото гостопримство, истакна дека за време на студиската посета на Стокхолм, пратениците, во атмосфера на отворен и пријателски дијалог, заеднички дебатираа за родовата еднаквост, важноста на улогата на опозицијата, односите со гласачите и граѓанското општество, отвореноста и транспарентноста, парламентарната контрола, работата на комисиите и законодавната улога на парламентите, Таа изрази надеж дека и во текот на оваа студиска посета пратениците ќе се навратат на некои од темите, а посебен акцент ќе биде ставен на односите со граѓанското општество. Таа изрази уверување дека цврстата шведска поддршка на евроинтеграцискиот пат на Република Северна Македонија ќе продолжи и во иднина и информираше дека во текот на 2023 година, Шведска ќе претседава со Советот на Европската унија.

Соговорниците разменија мислења и искуства во однос на работата на пленарна седница и во однос на пополнувањето на местата во комисиите и пренесувањето на собраниски канал на седниците на работните тела.       





Click