ЕУ вести

Петок, 18 декември 2020

„Сахаров“ за Демократската опозиција во Белорусија

Претседателот на Европскиот парламент, Давид Сасоли, ја додели  наградата „ Сахаров“ за слобода на мислење за 2020 година на Демократската опозиција во Белорусија.

На свечената церемонија во Брисел, наградата ја примија Светлана Тихановска и Вероника Чепкало во име на Демократската опозиција во Белорусија, претставена од Координативен совет, иницијатива на храбри жени и политичари и членови на граѓанското општество.

„Целиот свет знае што се случува во вашата земја. Ја гледаме вашата храброст. Ја гледаме храброста на жените. Ги гледаме вашите страдања. Гледаме неверојатна злоупотреба. Гледаме насилство. Вашата аспирација и решеност да живеете во демократска држава не инспирираат“, истакна првиот европарламентарец при врачувањето на наградата.

Примајќи ја наградата, Тихановска, рече: „Секој белоруски граѓанин што учествува на мирен протест против насилството и беззаконието е херој. Секој од нив е пример за храброст, сочувство и достоинство. Белорусите протестираат секоја недела од изборите на 9 август. Тие протестираат за својата иднина и иднината на оние кои не можат да бидат таму. Тие протестираат за слободата и достоинството на Белорусите, Европејците, вашата и на нашите граѓани. Без слободна Белорусија, ниту Европа не е целосно слободна. Оваа година сакам само едно - сакам секој Белорусин во затвор или егзил да се врати дома“.

Наградата, која е именувана по советскиот физичар и политички дисидент Андреј Сахаров, се доделува од 1988 година на поединци и организации кои се борат за човековите права и основните слободи, а вклучува посебен сертификат и 50 илјади евра.