Собраниско раководство

Петок, 6 август 2021

ИЗЈАВА НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ЏАФЕРИ ПО ПОВОД РАСПИШУВАЊЕТО НА ЛОКАЛНИТЕ ИЗБОРИ

Почитувани граѓани на Република Северна Македонија,
Почитувани новинари,

Денеска го потпишав Решението за распишување на избори за членови на Советите на општините и Советот на Градот Скопје, за градоначалници на општините и за градоначалник на Градот Скопје. Согласно законската рамка и роковите утврдени во Изборниот законик, локалните избори ќе се одржат на 17 октомври 2021 година. Решението кое што го потпишав денес, согласно утврдените рокови и пракса ќе биде доставено до надлежното тело за спроведување на изборите, Државната изборна комисија на Република Северна Македонија.

Со оглед на тоа што изборната кампања за локалните избори започнува 20 дена пред денот на одржување на изборите, би сакал да ја информирам јавноста дека, во текот на кампањата, Собранието на Република Северна Македонија нема да одржува пленарни и комисиски седници. На овој начин им се овозможува на политичките партии и нивните кандидати целосно да се посветат на изборната кампања и на барањата на граѓаните, истовремено избегнувајќи можност кампањата да се пресели во собраниската пленарна сала.  Секако, не ја исклучувам можноста за свикување на итна седница на Собранието во овие 20 дена, доколку состојбата во државата го наложи тоа.

Од надлежните институции очекувам да обезбедат избори на ниво на кое што се очекува од земја – членка на НАТО и кандидат за членство во ЕУ. Апелирам до сите учесници во изборниот процес целосно да ги почитуваат Уставот, законите, и да се однесуваат согласно Етичкиот кодекс, како и да осигурат дека кампањата и самиот ден на изборите ќе се одвиваат во духот на демократијата, фер изборeн процес и еднаквост на сите граѓани. На сите кандидати за градоначалници и членови на совети им посакувам успех во изборниот процес. 

Ви благодарам на вниманието!

Click