Собраниско раководство

Среда, 26 мај 2021 година

Обраќање на претседателот Џафери на 142. Собрание на Интерпарламентарната унија на генералното собрание на тема: „Надминување на пандемијата денес и градење подобро утре: улогата на парламентите“ 

Почитуван претседател на Интерпарламентарната унија, г. Дуарте Пачеко, 
Почитувани колеги претседатели на Парламенти,
Драги колеги, 
Дами и господа,
Драго ми е што денес можам да Ве поздравам сите, дури и на овој виртуелен начин за кој што се надевам дека набрзо ќе стане минато на кое нерадо ќе се сеќаваме. Притоа, не мислам дека ова е лош начин туку, мислам на сите непријатности што ги предизвика пандемијата со КОВИД-19. Болните настани и засекогаш изгубените човечки животи, колапсот што го предизвика на здравствениот систем, последиците врз економските системи на земјите во светот, ударот врз семејните буџети и се разбира, психолошките трауми и белези кои сега можеби и не се толку видливи меѓутоа секако во блиска иднина, ќе ја покажат ненадоместлива штета врз отсекогаш воспоставениот начин на живеење, работење и дружење на луѓето, врз растот и развојот на младите поколенија и се разбира врз брзината на заздравување на последиците. 

Светот каков што го познававме, светот пред пандемијата, со сите свои недостатоци, нееднаквости, несразмерност во развојот, достапност до основни човечки потреби и права, сиромаштијата, третманот на жените, децата и немоќните, уште посурово ги покажа своите негативности во ова време на живот во пандемија. Дали извлековме поука, дали успеавме да останеме човечни и чувствителни кон секој еден поединец, кон секоја земја? Не сум сигурен, напротив, мислам дека уште повеќе се почувствува што значи да си мал, немоќен и надвор од големите семејства. Тоа што сме дел од Интерпарламентарната Унија е голема можност за нас да ги артикулираме тука заедно со сите колеги тешкотиите, да ги споделиме искуствата, да извлечеме добри примери и да ги примениме кај нас дома. Воспоставувањето на конзистентни билатерални и мултилатерални односи на соработка и дијалог е најсоодветниот и најсигурен начин на градење на заедничка стратегија за справување со актуелната меѓутоа и со секоја идна пандемија или глобална катастрофа која би се заканила на светот што го знаеме и сакаме. Едно сфативме, и тоа на потешкиот начин, здравјето на нашите граѓани е пред сѐ и над сѐ, и со тоа не смее да има пазарење а пристапот до вакцини и до здравствените услуги е универзално право, како што е и образованието. Инклузијата на секое човечко битие со пристап до елементарните права и слободи е есенцијално, при што, парламентите се клучните институции во кои се раѓа и негува демократијата и почитувањето на човековите права и враќањето на довербата на луѓето во неа. Фокусирањето во безбедноста и благосостојбата на сите, со инвестирање во родови еднакви општества кои водат сметка да нема маргинализирани, обесправени, помалку платени работни позиции, нелојална конкуренција на пазарот на трудот со еднакви надоместоци за иста работа е одговорност на сите. Како што е и грижата за водените, воздушните, природните и зелени ресурси на планетата Земја. Одржливите развојни цели на Обединетите нации се наша заедничка цел во насока на постигнување на рамномерно заздравување и развој и на најмалото катче на планетата Земја. 

 

Затоа е за Република Северна Македонија важно да биде дел од големото семејство на Обединетите нации, дел од ИПУ, дел од големото европско семејство и сите иницијативи чија цел е сплотување на силите за правење на колективно добро за сите. 

Почитувани, 
Дозволете да Ви посакам успешна работа и Ви благодарам на вниманието!

 

Click