Собраниско раководство

Четврток, 27 мај 2021

Обраќање на претседателот Џафери на онлајн симулацијата на тема „Подготовка за идна криза: Развивање поефективен систем за управување со кризи“

Почитуван Премиер Зоран Заев,
Почитувана амбасадорке Сибил Сутер Техада,
Почитувани панелисти, д-р. Ен Филипс, полковник Џим Раф, полковник Џон Аголиа, д-р. Роланд Болин,
Почитуван г. Зоран Нечев од Институтот за демократија,
Почитувани колеги пратеници,
Почитувани претставници на граѓанскиот сектор,
Почитувани присутни на онлајн настанот,

Ми претставува задоволство што денеска сме собрани на овој начин и во овој број со цел да разговараме и разработиме тема која е од исклучително големо значење за функционирањето на една држава и нејзиниот систем, притоа, водени од искуствата кои ни ги донесе 2020-та и дел од 2021-ва година. Работата во која било сфера, а особено во системот на државното управување бара постојано анализирање, преиспитување, менување доколку се укаже потреба од тоа со цел подобрување и прилагодување на секој нов, неочекуван или непредвидлив момент кој може да предизвика нередовно или дисфункционално работење. Годината што е зад нас, не само што беше огромен удар врз здравствениот и финансискиот сектор, не само што беше тешка и неизвесна за граѓаните кои живееја во страв од губење на здравјето, животот, работните места, туку беше и алармно будење кое ни ги разоткри сите слабости, празнини и нејасности во функционирањето. Токму затоа ова треба да ни биде научена лекција за која ќе треба во иднина да бидеме подготвени да ја примениме. Овие два дена посветени на симулацијата за обработување на темата „Подготовка за идна криза: Развивање поефективен систем за управување со кризи“, ги сметам за значајни во насока на придонесот кон планирање на идните активности на сите чинители во ситуација на криза, односно, законодавната, извршната власт и се разбира стручната јавност. Тоа што јас како Претседател на Собранието и почитуваниот Премиер Заев сме дел од оваа симулација денес, меѓутоа и сите други учесници кои придонесувате секојдневно во развивање на општествените процеси, е јасна потврда дека сме поборници на тоа да се биде подготвен за секаква наредна криза. Преку дводневната анализа на постојната состојба и досега уредениот начин на справување со криза, улогата и одговорноста на секоја институција во иднина, а особено надзорната улога на Собранието, како и идентификувањето на точките за подобрување, верувам дека ќе дојдеме до вредни и сеопфатни одговори со цел подобро справување со евентуални кризи кои би можеле да ни се случат во иднина. Ќе биде од голема вредност и придобивка да се слушнат стручните мислења на почитуваните панелисти, како и да се погледне детално анализата на Националниот демократски институт наменета за Управување со криза, како одговор на пандемијата со Ковид – 19.

Со оглед на тоа што оваа симулација се реализирав во рамки на Проектот за парламентарна поддршка, уште еднаш се потврдува нашата исклучително продуктивна соработка на овој проект вреден за законодавната власт и за Република Северна Македонија. Затоа, дозволете да упатам искрена благодарност до партнерите во проектот и до почитуваната амбасадорка, Нејзината Екселенција Сибил Сутер Техада.

Со верба и ентузијазам за продуктивни два дена посветени на оваа значајна тема, Ви посакувам успешна работа и Ви благодарам на вниманието!

Click