Собраниско раководство

Среда, 10 ноември 2021 година

Поздравно обраќање на претседателот Џафери на Парламентарниот дијалог за управување и надзор на разузнавањето во организација на ДКАФ

Почитувани пратеници, претставници на Комисиите за надзор на разузнавањето и безбедноста од Република Косово, Република Албанија,
Почитувани колеги пратеници од Собранието на Република Северна Македонија, 
Почитувана г-ѓа Антје Фриц, заменик раководител на Дивизијата за Европа и Централна Азија,
Почитувани претставници на службите од трите парламенти,
Почитувани претставници на ДКАФ,
Почитувани експерти,
Дами и господа,

Имам чест денес да го поздравам почетокот на овој дводневен парламентарен дијалог и експертска размена на која почитуваните колеги од албанскиот и од косовскиот парламент, заедно со моите драги колеги од Собранието на Република Северна Македонија ќе дискутираат за управувањето и надзорот врз разузнавањето на Западен Балкан. Со задоволство констатирам дека ова е втор пат како се гледаме оваа година, поточно на 7 јули ние веќе имавме виртуелна експертска размена на тема „Парламентарно постапување со класифицирани информации и поставување на безбедна просторија во парламентот“ на која јас, како Претседател имав чест да го дадам моето видување, имајќи предвид дека Собранието на Република Северна Македонија е во понапредна фаза во регионов, меѓутоа, денешната средба е поинаква, со физичко присуство и тоа ми причинува особено задоволство, и јас се надевам и ви посакувам на сите да бидете во добро здравје и со што помали последици од пандемијата на Ковид-19.

Соработката на Собранието на Република Северна Македонија со ДКАФ е динамична и плодна и благодарение на таа соработка, на 19-ти ноември е планирано потпишување на уште еден Меморандум за соработка и Договор за разбирање, што е потврда дека сме си потребни едни на други и дека заедно сме на добaр пат кон реализација на проектот „Развој на парламентарен и независен надзор“, што е потреба и неопходност за да бидеме рамо до рамо со нашите партнери во НАТО сојузот  меѓутоа пред се, за безбедноста на нашите граѓани и институции. И токму затоа, овој денешен дијалог помеѓу колеги од трите парламенти е вистинскиот форум за споделување на сознанијата за разузнавањето и дискутирањето за новите трендови и случувања кои бараат инвентивни пристапи кога станува збор за надзорот и разузнавањето кои се повеќе од неопходни, за да се осигури токму таа безбедност на граѓаните и државите. Во овој контекст, мора да се води сметка за тенката линија помеѓу зајакнувањето на безбедноста а во исто време, опасноста од навлегување во основните слободи и правото на приватност, а со користењето на дигиталната технологија и собраните податоци, таквиот ризик е постоен и реален. Таа веројатност е секојдневно поголема, имајќи  ја предвид еволуцијата на новите технологии за дигитален надзор, а од друга страна, останувањето на истите, традиционални механизми на отчетност ја спречува или намалува ефикасноста на телата за надзор над работата на разузнавањето, со што се става на испит демократскиот легитимитет и капацитет на разузнавачките и безбедносните агенции а истовремено, се поткопува довербата на граѓаните, на деловните субјекти и јавите власти во генерално политиката. Затоа е многу важен овој денешен дијалог, на кој верувам дека поканетите експерти ќе претстават инвентивни начини за премостување на тој јаз a воедно ќе обезбеди можност за пратениците и службите кои даваат поддршка на комисиите за надзор врз работата на разузнавачките и безбедносните служби, со олеснување на размената и дијалогот помеѓу трите парламенти да ја зајакнат својата мрежа и да постават основа за понатамошна меѓу парламентарна соработка и се разбира, соработка со почитуваните виши експерти за разузнавање и надзор.

Почитувани колеги,

Избраните теми за панелите на денешната конференција се навистина корисни и верувам дека дебатата ќе биде подеднакво интересна за регулирањето на класифицирањето на информациите и нивната заштита, како и прашањето на безбедносните мерки и проверки, и дали пратениците што се членови на соодветните надзорни комисии треба да подлежат на таквите проверки за да им биде овозможен пристап до доверливите информации и верувам дека и тука експертите ќе дадат свој информативен придонес во насока на тоа како е тоа прашање правно регулирано кај другите земји членки на НАТО, како што е впрочем и Република Северна Македонија. Ние, знаете, во декември 2019 година го донесовме Законот за класифицирани информации кој што е прилагоден на стандардите на Европската унија и НАТО и со кој се наметнуваат одредени законски норми и стандарди на Собранието, како и впрочем на сите институции што располагаат со класифицирани информации, односно, да преземат мерки и активности за административна, физичка и индустриска безбедност, безбедност на комуникациско - информациските системи, како и безбедност на лицата - корисници на класифицирани информации и веруваме дека со него се обезбедува зголемено ниво на отчетност од страна на создавачите на класифицираните информации и се осигурува демократското владеење и надзор, иако, убеден сум денес ќе се дискутираат и јаките и слабите страни во законската рамка, затоа што не постои совршен закон, нели?

Голем удел во подобрувањето на работата на разузнавачките служби има секако прецизирањето на надлежностите и секоја надзорна комисија да го знае и сфати тој процес на распределување на задачи и очекуваните резултати од тие процеси и секако подобрувањето на истите преку споделување на сознанијата од присутните колеги пратеници и поканетите експерти.

Драги колеги,

Имајќи на ум дека ДКАФ е посветен на тоа да државите и луѓето бидат побезбедни во рамки на демократското владеење, владеење на законот и почитувањето на човековите права, можам со задоволство да кажам дека сме среќни што сме во партнерство со ДКАФ во спроведувањето на реформите во овој сектор.

Почитувани колеги, Ви посакувам успешна и плодна работа за време на дводневниот дијалог.

Ви благодарам на вниманието!

Click