Собраниско раководство

Среда, 16 декември 2020

Видео-обраќање на претседателот Џафери на одбележување на 100-годишнината од првиот академски час на Филозофскиот факултет во Скопје

Почитуван претседател на Република Северна Македонија, г. Пендаровски,
Почитуван претседател на Владата на Република Северна Македонија, г. Заев,
Почитувана министерка за образование, г-ѓа Царовска,
Почитуван претседател на МАНУ, проф. д-р Љупчо Коцарев,
Почитуван Ректор на УКИМ, проф. д-р Никола Јанкуловски,
Почитуван декан на Филозофскиот факултет, проф. д-р Ратко Дуев,
Почитувани редовни и вонредни професори,
Почитувани студенти, идни академски граѓани на Република Северна Македонија, 
Дами и господа,

Дозволете денес, преку ова мое видео обраќање, да изразам честитки во мое лично име и од име на пратениците во Собранието на Република Северна Македонија, за 100-годишнината од основањето на Филозофскиот факултет во Скопје, кој што во далечната 1920 година, со кралски указ, ја започна својата наставно-научна дејност и со тоа го заслужи пиететот - најстара високо-образовна институција во државата. Денес, покрај тој  факт, има уште еден непобитен факт, а тоа е дека, Филозофскиот факултет, оттогаш навака, само растеше и се развиваше, се надградуваше и ширеше, за денес да биде современ, мултидисциплинарен факултет, сочинет од 12 институти од хуманистичките и општествените науки. И што е најважно од сè, Филозофскиот факултет, во ниту еден миг не застрани од тоа што е во основата, во етимологијата на зборот филозофија - односно - љубов кон мудроста или изучување на знаењето, размислување за размислувањето и колку и да се чини тоа некому апстрактно и како поставување на прашања кои се нејасни и на кои нема одговори, сепак, вашето постоење и опстојување е доказ дека филозофијата се занимава на јасен и прецизен начин токму со реалниот свет, со неговата комплексна социјална и материјална природа и местото на човекот во него. За да се разбере светот во сета негова комлексност и повеќедимензионалност, потребни се студии во разновидни полиња а вашиот факултет го нуди токму тоа. За поздравување е и вашата научно-истражувачка дејност преку постојните центри и издавањето на научните списанија од меѓународен карактер и се разбира плодната меѓународна соработка со универзитетите од светот. Тоа е само уште една потврда дека во ниту еден миг не застанавте, и се носите рамо до рамо со вашите еквиваленти низ светот. Иако, знам дека тоа не е лесно да се постигне, особено ако се има предвид дека немањето на финансиска независност, немањето на кадровската автономија, влијае многу во постигнувањето на зацртаните и во крајна инстанца, посакуваните цели. Секако дека сум свесен колку е мал процентот што се издвојува од државниот буџет за развојот на науката и научната мисла, што од друга страна, предизвикува незадоволство и демотивација кај нашиот научен кадар, а следствено на тоа и кај нашите студенти и идни академски граѓани. Тоа предизвикува одлив на мозоци, мал број на објавени научни трудови поради соодветно малиот број на реализирани истражувања кои не би биле ни толку, доколку ја немаат поддршката од факултетот или иницијативноста на самите професори.

Сепак, сите сме свесни дека како држава, поминуваме низ навистина тешки, одлучувачки фази од опстојувањето и заземањето на цврста позиција на светската карта. Постигнувањето на едната стратешка определба, секако е голема и многу важна работа, меѓутоа, се уште не е се завршено. Пред нас претстои нов предизвик, ново искушение кое ќе треба мајсторски и со трпение да се надмине и менаџира. За тоа е потребна сета државничка стратегија, интелектуална моќ, сиот капацитет што го поседува и вашиот факултет и сите универзитети во земјава, и Македонската академија на науките и уметностите и потенцијалот на целиот политички спектар во Република Северна Македонија. Потребно е унисоно делување и изодување на овој наш заеднички пат.

Почитувани,

Она што е исто така константа за целото време на постоењето на Филозофскиот факултет, а што е од суштинска важност за демократскиот раст и развој на едно општество, е тоа што никогаш не ги затворивте вратите и дадовте доволно простор и време за изразување на критичката мисла, кога мислиме или чувствуваме дека нашите права, слободи, обврски, не се во согласност со меѓународно признатите и кај нас ратификувани декларации, со нашиот Устав или законите на Република Северна Македонија. И се разбира, каде ако не на Филозофски факултет? Кој ако не носителите и изучувачите на академската и научната мисла, односно професорите и студентите? И, навистина морам да ви честитам за тоа што вашиот факултет, постојано се движи по нагорна линија, брзо се адаптира на новото време заедно со новите предизвици што ги носи тоа со себе и тука мислам сега на ситуацијата со пандемијата на КОВИД-19, и наметнатите неопходни здравствени протоколи поради кои сме принудени да ги менуваме нашите воспоставени навики и начинот на живот, на работа, дружење и функционирање, иако, секако, во тоа не сме сами, тоа е веќе глобално наметната и прифатена ситуација. Од тоа што можам да видам, кај вас дигитализацијата е навлезена на голема врата, веб страницата содржи огромни бази на светска литература која е достапна и за академскиот кадар, и за студентите кои се желни за наука, за нови истражувања и достигнувања со кои ќе бидеме конкурентни и рамноправни со светски признатите факултети. Затоа што, како што рекол и големиот Сократ, цитирам:

„Има само едно добро, тоа е знаењето, и едно зло, тоа е незнаењето“, крај на цитат, и јас верувам дека вие ќе продолжите да бидете предводниците на новите, современи сфаќања и сознанија за животот, за општеството, за да придонесете со нив во развојот и напредокот на нашето мултиетничко општество и држава која е по многу нешта уникатна и различна од другите.

На крај, почитувани, дозволете да ви посакам уште многу години постоење, развивање, градење на млади, здрави генерации, со изграден став кон себеси, кон државата, кон општеството. Млади генерации кои ќе  бидат моторот на напредокот, на развојот и просперитетот на Република Северна Македонија, рамноправна и полноправна членка на НАТО и на Европската Унија.

Ви благодарам на вниманието!

 

 Видео

Click