Соопштенија

Среда, 1 декември 2021

Делегација на Управувачката група на Собранието во студиска посета на Риксдагот

Делегација на Управувачката група на Собранието на Република Северна Македонија, во состав: Фадил Зендели, претседател и членовите Маја Морачанин, Александар Велјановски, Арбана Пашоли, Халил Снопче, Снежана Калеска-Ванчева и Никола Мицевски, од 1 до 4 декември 2021 година ќе престојува во студиска посета на Шведскиот парламент, на покана на членовите на Управувачката група на Риксдагот.

Според програмата, пратениците од двата законодавни дома ќе разменат искуства и мислења за законодавната улога на парламентот, потоа работата на комисиите, односите меѓу владејачките партии и опозицијата, а предвидена е и експертска презентацја за шведскиот модел на влада и администрација, односно поделбата на одговорноста меѓу нивоата на власт и соработка меѓу националното, регионалното и локалното ниво и електоратот.

Во декември 2020 година, Одборот на Риксдагот донесе одлука да спроведе соработка за демократски развој со Собранието на Република Северна Македонија со цел зајакнување на демократските институции и комуникација на демократските вредности, односно размена на искуства помеѓу пратениците и градење на односи меѓу парламентите, со цел да се создадат мрежи и на тој начин да се обезбедат можности за поддршка и размена на знаења.Во текот на измината година, членовите на Управувачките групи на Собранието и на Риксдагот одржаа три состаноци на далечина, а по оваа прва посета на Стокхолм, се планира возвратна посета на Скопје, на почетокот на февруари 2022 година.  

Click