Неформални групи

Петок, 14 декември 2018 година

Работна средба на Клубот на пратенички на тема „Малолетнички бракови“

Клубот на пратенички вчера одржа работна средба на тема „Малолетнички бракови“. Настанот се организираше во соработка со Националниот демократски институт (НДИ).  На работната средба присуствуваа пратенички од повеќето пратенички групи во Собранието на Република Македонија. 

Координаторката на Клубот на пратенички, Ѓулумсер Касапи, во воведното обраќање рече дека малолетничките бракови се горлив проблем на меѓународно ниво. Ги посочи забелешките на Комитетот за правата на детото при Обединетите Нации и Извештајот на Конвенцијата за елиминирање на сите форми на дискриминација врз жената во  Република Македонија. 

Несиме Салиоска, извршна директорка на РОМА СОС Прилеп ги презентираше наодите и препораките на нивниот истражување спроведено во Република Македонија „Сивата зона помеѓу традицијата и правата на децата“. Препораките вклучуваат хармонизирање на постојното законодавство со цел експлицитно да се осигура дека минималната законска возраст е 18 години за едно лице да живее во брачна заедница и обезбедување правни механизми; воведување на институционален систем за евиденција и следење на бракови меѓу и со лица помлади од 18 години и развивање на посебна програма за заштита и спречување од брак под 18 години.

Цветанка Иванова, генерална секретарка на Собранието на Република Македонија, била вклучена во самото истражување како правен експерт. Таа се осврна на правната рамка и истакна дека Република Македонија нема интегриран систем кој се однесува на овој проблем и затоа за жал исклучокот станува правило. Иако во Уставот и во закон е утврдена долната граница, премолчено, Република Македонија одобрува склучување бракови и со 16 години, бидејќи нејзиното истражување покажало дека ниту едно барање поднесено за склучување брак под 18 години, до сега не е одбиено, и ова не смее да се дозволи. Потребни се промени во постојното законодавство, вклучително  член 197 од Кривичниот законик и член 16 од Законот за семејство, како и законите за основно и средно образование. 

Потоа, претставниците на министерства за труд и социјална политика, правда, образование и внатрешни работи говореа за моменталните како и идните активности на своите министерства. Ѓултен Мустафова и Светлана Цветковска од Министерството за труд и социјална политика истакнаа дека Законот за семејство ќе се менува и се очекува да биде завршен до август 2019 и повика на сеопфатна дискусија по законот, а дека во моментов се изработува Закон за родово базирано насилство и е прв во регионот од овој тип. 

Татјана Кикерекова од  Министерството за правда истакна дека е значајно да се делува на факторите кои ја генерираат оваа појава како и на превенција. Незихтере Сулејмани Министерството за образование истакна дека со воведувањето на задолжително средно образование, има веќе резултати во однос на намалувањето на оваа појава. Јасминка Ангелова од Министерството за внатрешни работи сподели статистички податоци во однос на член 197 од Кривичниот законик за 2017 (12 кривични дела против 17 сторители) и 2018 (18 кривични дела против 24 сторители)  година, но и апелираше Законодавниот Дом да ги донесе законските измени, а тие како Министерство секако ќе осигураат нивно спроведување.

Во рамките на дискусијата во која учествуваа пратеничките, пратеникот Самка Ибраимовски  и претставниците на министерствата, дадена е широка поддршка од сите политички партии за што поскоро менување на членот 197 од Кривичниот законик. Беше предложено наместо терминот „малолетнички бракови“, да се употребува терминот „детски бракови“ во согласност со меѓународните конвенции.

Click