Среда, 25 мај 2016 година
Средба на претседателот Вељаноски со амбасадорот Јан Петерсен
Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски, денеска го прими шефот на набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР во Република Македонија, амбасадорот Јан Петерсен.
Амбасадорот Петерсен истакна дека нивната мисија и нивните обврски во однос на спроведувањето на изборите се во тек и покрај одлагањето на предвремените парламентарни избори кои беа закажани за 5 јуни оваа година. Исто така, амбасадорот информираше дека го подготвуваат Изештајот, кој и покрај тоа што не е класичен Извештај, се надева дека би бил корисен за државата во период што следи. Тој нагласи дека тие се неутрални набљудувачи и нивната мисија се фокусира на оценка на условите за одржување на избори во однос на исполнување на Копенхашките критериуми.
Претседателот Вељаноски истакна дека како претседател на Собранието е отворен за соработка со сите институции вклучени во изборниот процес и дека доколку има забелешки во Извештајот на Мисијата ќе бидат добредојдени со цел навремено да се корегираат.