Неформални групи

Сабота, 11 мај 2019 година

„Борба против дезинформациите во Југоисточна Европа“ - тема на Генералната комисија за правда, внатрешни работи и безбедносна соработка на ПС на ПСЈИЕ

Генералната комисија за правда, внатрешни работи и безбедносна соработка во рамките на редовната работа на Парламентарното собрание на Процесот за соработка во Југоисточна Европа, одржа седница во Собранието на Република Северна Македонија на тема „Борба против дезинформациите во Југоисточна Европа“.

На почетокот на присутните им се обрати потпретседателот на Собранието, Горан Мисовски, кој истакна дека соработката меѓу учесничките во Процесот е главна претпоставка за успешен политички и дипломатски дијалог, за забрзување на процесот на европска интеграција,  за зацврстување на стабилноста во регионот, како и за понатамошната демократизација на нашите општества.

„Слободата на говорот и слободниот пристап до информации се основни човекови права, а слободното, непристрасно и објективно медиумско известување претставува еден од клучните столбови на секое демократско општество. Дезинформациите не само што ја нарушуваат способноста на граѓаните за донесување на издржани одлуки, туку и ја поткопуваат довербата во институциите и во дигиталните и традиционални медиуми. Неопходни се заеднички напори за сузбивање на дезинформирањето и пронаоѓање на соодветни решенија за неутрализација на неговото негативно влијание. Но, во одговорот во спречувањето на ширењето на лажни вести, треба да се внимава да не се прекрши правото на слободата на користење на извор на информации и слободата на говор, како и да се одбегнуваат мерки и активности кои можат да бидат класифицирани како цензура“, рече Мисовски.

Република Северна Македонија, истакна, се залага за промовирање и поддржување на истражувачкото новинарство и зголемување на професионализмот во новинарството, како и обезбедување на стабилен и сигурен систем на финансирање на јавниот сервис, како главен информативен систем за понуда на точни, навремени и веродостојни информации за граѓаните.

Роберт Поповски, министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, во своето обраќање посочи дека феноменот на лажните вести го отвори прашањето за иднината на новинарството во дигиталната ера на начин кој е веќе алармантен.

Користејќи ја развиената технологија, дезинформациите ги менуваат нашите општества, предизвикуваат конфликт, омраза, параноја, заговор. Во регионален контекст, лажните вести кои се насочени кон етничка, политичка и верска нетрпеливост се заеднички непријател на трендот на помирување на земјите од Западен Балкан и нивната конечна европеизација.

Министерот Поповски нагласи дека активната транспарентност е, најлош и соодветен непријател на лажните вести и дезинформациите.

„Транспарентноста и пристапот до отворени податоци, е изборот на Владата на Република Северна Македонија.Во согласност со своите темелни принципи за транспарентност и инклузивност, при донесувањето на законите и законските измени, целта на Владата е да се чуе гласот на медиумските професионалци. Ефектите на овие политики даваат резултати: Северна Македонија скокна за 14 места напред  на последниот светски индекс за слободата на медиумите на Репортери без граници за 2018 година, и од 109 место во 2017, сега е на 95-тото. Ова е најдобар резултат за слободата на медиумите во Северна Македонија во последните пет години.Во претходните, мрачни времиња, бевме на 123 место“, рече Поповски.

Во последните две години, за прв пат, после претходните 10 години, имаме повеќе критички текстови од пофалби, укажувања, сугерирања за работата на Владата, за медиумските слободи и права. Оваа Влада обезбеди услови за гласност, а не за молк. На врвот во политиките на актуелната Влада е концептот на отворена влада.ACTION SEE (проект финансиран од ЕУ) во последното истражување ја рангираше Владата на Северна Македонија на прво место и ја прогласи за најотворена меѓу владите од регионот.

„Клучот е во рацете на новинарските професионалци. Да се саморегулираат и да се држат до етичките и професионални стандарди. Владите и сите политички субјекти се должни да ги поддржат овие стандарди. Владата пристапи и кон измени и дополнувања на законската регулатива со цел професионализација и департизација на регулаторното тело и јавниот радиодифузен сервис. Во содржината и суштината на предложената измена и дополнување се интегрирани препораките на новинарските и медиумските организации, кои претходно беа игнорирани, а дополнително ги вградивме и клучните препораки на експертите на Советот на Европа и на ОБСЕ во врска со намалувањето на политичкото влијание медиумите, јавниот сервис и медиумскиот регулатор “, рече во своето обраќање министерот Роберт Поповски.

Презентации на темата имаа и претседателот на Генералната комисија за правда, внатрешни работи и безбедносна соработка, Џеват Адеми и Зоран Попов, претставник на Советот за регионална соработка.


* Во прилог интегралните обраќања на потпретседателот Горан Мисовски и министерот Роберт Поповски:

 Обраќање на потпретседателот Мисовски

 Обраќање на министерот Поповски

Click