Неформални групи

Понеделник, 3 јуни 2019 година

ЧЛЕНСТВО ВО НАТО ЌЕ БИДЕ ИНСТРУМЕНТАЛНО ВО ДИЗАЈНИРАЊЕТО НА НОВАТА СЛИКА ЗА БАЛКАНОТ

На пролетната сесија на ПС на НАТО, која се одржува од 31 мај до 3 јуни 2019 г. во Братислава, Словачката Република, учествува  Делегација на Собранието на Република Северна Македонија во ПС на НАТО, предводена од пратеникот Илија Димовски, шеф на Делегацијата и членовите на Делегацијата пратениците Катерина Кузмановска и Весел Мемеди, потпретседател на Собранието. Во активностите на петте постојани комитети на ПС на НАТО се разгледаа извештаи и предлог-резолуции кои обработуваат повеќе актуелни теми и состојби во НАТО контекст.

На седницата на Политичкиот комитет се обрати државниот секретар од Министерството за надворешни и европски прашања на Словачката Република, г. Франтишек Ружичка, кој ја нагласи незаменливата улога на НАТО, а петнаесетгодишното членство на неговата земја е јасен показател дека нема подобра ефикасна алтернатива во гарантирањето на нејзината безбедност и стабилност. Предностите од членството несомнено лежат и во активната комуникација со јавноста. Во тој поглед, г. Ружичка ги нагласи напорите на министерството за поинтензивен дијалог со граѓаните, што несомнено позитивно влијаело на зголемување на јавната поддршка за членството во НАТО.

На седницата на Комитетот за одбрана и безбедност се обрати државниот секретар во Министерството за надворешни и европски прашања на Словачката Република, г. Лукаш Парижек, кој повика на поголема соработка со меѓународните организации, како ОБСЕ, за разрешување на актуелните безбедносни прашања. Сведоци сме на свет кој брзо се менува, со предизвици кои постојано се зголемуваат и затоа мора поефективно да работиме за да ги предвидиме тие предизвици, а не само да реагираме на проблемите кои веќе се појавиле, истакна Парижек.

На  седницата на Комитетот за економија и безбедност беше разгледан Предлог-извештајот од Аушрин Армонете, литванска пратеничка и Известителка на Комитетот, подготвен по посетата на Република Северна Македонија на Поткомитетот за транзиција и развој, на тема:"Република Северна Македонија: политички промени, пристапување кон НАТО и економска транзиција".

Во текот на дискусијата, свое излагање имаше и г. Весел Мемеди, член на Комитетот, кој констатираше дека на 6 февруари, со потпишувањето на Протоколот за пристапување во НАТО, заедно со нашите сојузници, постигнавме една од нашите стратешки заложби и напори да станеме членка на НАТО. Ова беше историски белег на земјата, што несомнено претставува пресвртница во остварувањето на нашата стратешка ориентација и постигнување на одличната визија на многу генерации кои неуморно работеа за да ја постигнат оваа важна стратешка цел да стане дел од големото евроатлантско семејство, нагласи Мемеди. Тој го изрази своето уверување дека нашето членство во НАТО ќе биде инструментално во дизајнирањето на новата и позитивна слика за нашиот регион, нудејќи добар пример за и од Западен Балкан во целост. Г. Мемеди заклучи дека сме целосно свесни за фактот дека членството во НАТО отвора нова безбедносна перспектива, но и дека тоа е нова одговорност и подготвеност за потесна соработка со сите сојузници на НАТО и придонес во понатамошното обликување на Западен Балкан во мирен, просперитетен и демократски регион. Тој повика на што поскоро заокружување на процесот на ратификација на Протоколот за пристапување на Република Северна Македонија во преостанатите национални парламенти, со цел земјата до крајот на оваа година да стане 30-та земја членка на Алијансата.

Г-ѓата Медлин Мун, претседателка на ПС на НАТО, на пленарната сесија на ПС на НАТО,  истакна дека вредностите на НАТО мора да се чуваат и заштитат и решително да се пристапи на било каков напад од трети страни, што ги поткопува демократските основи на нашите општества и институции и дека Алијансата во текот на нејзиното 70-годишно постоење ја исполнила својата цел како отпорно и прилагодливо средство за справување со предизвиците на тероризам, сајбер и хибридното војување. 

Помошник генералниот секретар на НАТО за политичка и безбедносна политика, г. Алехандро Алваргонзалез зборуваше за заканите по демократскиот модел на општествата во земјите на Алијансата, како и сајбер нападите на западната инфраструктура, употребата на социјалните медиуми за ширење лажни вести и обидите за дискредитација на демократијата како валиден, легитимен и ефикасен политички принцип.

г. Андреј Киска, претседател на Словачката Република нагласи дека морална должност на земјите членки на Алијансата е да им понудат визија на земјите аспиранти за членство во НАТО дека тие еден ден ќе седат со нив заедно на иста маса и дека безбедноста не е комплетна без нивното членство во НАТО.

Click