Неформални групи

Четврток, 14 март 2019 година

Груби: Проактивен пристап за објавување на информациите од јавен карактер

Комисијата за европски прашања на Собранието на Република Северна Македонија, со која претседаваше претседателот на Комисијата, Артан Груби,  одржа Јавна расправа на тема: Предлог-закон за слободен пристап на информации од јавен карактер.

Груби истакна дека целта на оваа јавна расправа е да се  даде можност на поширок круг на општествени чинители во Република Северна Македонија да ги искажат своите мислења по законот и во оваа фаза кога законот е во второ читање во  Комисијата за европски прашања, како матично работно тело да се подобри текстот. Информира дека на Предлог-законот има забелешки од претстaвниците на ОБСЕ кои предлагаат одредени подобрувања на текстот на законот, при што ги спомена: потребата за додавање на одредба дека законот се однесува на органи кои главно работат со јавни фондови, исклучоците да се усогласат со меѓународните стандарди и да се воспостави протокол за да се обезбеди објавување на информациите што се од јавен интерес, со почитување на приватноста на поединците.  Притоа, ја  потенцира важноста на ваков тип на дебати за граѓанските организации, како и на можноста на пратениците  да интервенираат амандмански, како нивно демократско право и должност во интерес на правата на граѓаните.

На јавната расправа  воведно обраќaње по темата имаше заменик-министерот за правда, Оливер Ристовски, кој истакна дека пристапот до информации од јавен карактер е демократско начело и право на сите граѓани во современите демократии, кое овозможува развој на транспарентна и отворена власт и ја зајакнува одговорноста на јавниот сектор, ја сузбива корупција и го зголемува легитимитетот на институциите и довербата на граѓаните во власта. 

Во расправата учествуваа: Данче Даниловска од Институтот Отворено општество, Маја Лазарова од Мониторинг Мисија-ОБСЕ, Герман Филков од Центарот за граѓански комуникации и Александра Бујароска од Еколошкото здружение на граѓани – ФРОНТ. Во нивните дискусии заедничка беше констатацијата дека со предложениот закон ќе се подобри состојбата со слободниот пристап на информации од јавен карактер, бидејќи се внесени подобри решенија од претходното законско решение. Во тој контекст, се  истакна дека позитивно е што рокот за  давање одговор на поднесеното барање  за информации од јавен карактер сега е намалено на 20 дена, наместо од претходното решение, кога беа 30 дена.

Но, сепак, истакнаа дека  е потребен проактивен пристап во однос на објавувањето на информациите од страна на  Владата на Република Северна Македонија, како и на нејзините институции и органи кои се должни да ги дадат овие информации, односно да се објавуваат поголем број на информации на веб-страниците. На тој начин би се намалиле и барањата и би се скратиле административните постапки. Исто така, беше посочено дека овој закон е важен и од аспект на слободите и правата на граѓаните за добивање на иформации од јавен карактер, но и од аспект на спречување и  откривање на корупцијата од секаков вид во општеството.

Комисијата ја потврди потребата за донесување на овој закон кој влегува во  рамките на  потребните европски стандарди за наше зачленување во ЕУ и е дел од од критериумите за датум за почеток на преговорите на следниот Совет на ЕУ во  јуни годинава. 

Click