Неформални групи

Вторник, 5 март 2019 година

Јавна расправа за прекин на бременоста -  Да ѝ се овозможи на жената да го оствари своето право да биде на прво место

Комисијата за здравство на Собранието на Република Северна Македонија вчера одржа јавна расправа на тема: „Предлог на Закон за прекинување на бременоста“. Со седницата раководеше претседателката на Комисијата, Мирсада Емини Асани, која истакна дека Предлог-законот е во редовна собраниска постапка и дека дискусиите на јавната расправа треба да бидат основа за донесување на квалитетни законски одредби.

На Јавната расправа активно учество зедоа претставници од Министерството за здравство, ЈЗУ Клиника за гинекологија и акушерство-Скопје, Хелсиншки комитет за човекови права на Република Македонија, Здружение на гинеколози, Платформа за родова еднаквост, Асоцијација за здравствена едукација и истражување ХЕРА, Здружение „Лидија-срце што чука“, Реактор-истражување во акција, како и други претставници од невладини грагански организации и здруженија кои ја третираат оваа проблематика.  

Воведничари на јавната расправа беа: министерот за здравство Венко Филипче, како претставник на предлагачот на Законот; д-р Ана Данева-Маркова, д-р Јадранка Ѓеорѓиева, д-р Глигор Тофоски и д-р Снежана Ѓоргиева-Јаневска од ЈЗУ Универзитетска клиника за гинекологија и акушерство-Скопје. Со свои мислења учествуваа и пратениците: Мирсада Емини-Асани, Јагода Шахпаска, Даниела Рангелова, Маја Морачанин, Дафина Стојаноска и Ѓулумсер Касапи.

„Не е наша работа да копаме по причините зошто жената одлучила за прекин на бременост. Наша задача е да обезбедиме услови тоа право таа да го добие, а државата да обезбеди институции и експертиза оваа процедура квалитетно и стручно да заврши“, рече министерот Филипче, дополнувајќи дека на овој начин ќе ѝ се овозможи на жената да го оствари своето право да биде на прво место.

Целта на Предлог-законот за прекинување на бременоста e: остварување на правото на жената на безбеден прекин на бременоста; укинување на постојните административни процедури/бариери за спроведување на постапката за безбеден прекин на бременоста; давање комплетни, објективни и точни информации во врска со начинот на изведување на интервенцијата, реално укажување на можните компликации при кои пациентката треба веднаш да се јави на лекар; одлуката за прекин на бременост да ја донесе пациентката свесно, без принуда од било кого врз основа на објективни информации поврзани со интервенцијата.

Click