Неформални групи

Понеделник, 11 март 2019 година         

Јавна расправа за заштита на човековите права

Постојаната анкетна комисија за заштита  на слободите и правата на граѓанинот на Собранието на Република Македонија на 7. седница одржа Јавна расправа на тема: „Заштита на човековите права - Пресудите на Европскиот суд за човекови права“.

Покрај членовите и заменик-членовите на Комисијата, на седницата беа поканети сите пратеници, претставници на Бирото за застапување на Република Северна Македонија пред Европскиот суд за човекови права, Министерството за правда,  претставници на судовите и обвинителствата, Академијата за судии и јавни обвинители, Министерството за труд и социјална политика, Центарот за социјална работа Скопје, Министерството за внатрешни работи, Управата за извршување на санкции, Народниот правобранител, Комисија за заштита од дискриминација, Правните факултети, потоа претставници од невладиниот сектор од оваа област: Центарот за правни истражувања и анализи, Фондацијата отворено општество - Македонија (ФООМ), Институт за човекови права, Хелсиншки комитет за човекови права, Институт за европска политика, Македонско здружение на млади правници, Коалиција сите за правично судење, претставници на меѓународните организации: НДИ, ИРИ, ОБСЕ, УНДП, претставници на Европската комисија и Советот на Европа, како и поранешните судии во  Европскиот суд за човекови права во Стразбур, Маргарита Цаца Николовска и Мирјана Лазарова-Трајковска.

Јавната расправа со воведно обраќање ја отвори претседателот на Постојаната  анкетна комисија за заштита  на слободите и правата на граѓанинот, Фадил Зендели.

На расправата дискутираа пратеникот Рубин Земон, потоа Даница Џонова,  в.д. директорка на Бирото за застапување пред Европскиот суд за човекови права, Маргарита Цаца Николовска, поранешен судија во  Европскиот суд за човекови права во Стразбур, Зоран Дранговски, претседателот на Македонското здружение на млади правници, Игор Спировски - член на Управен одбор на Институтот за човекови права и адвокат, судијата Антоанета Димовска од Основен суд Скопје 2 и судијата Николчо Николовски, претседател на Одделот за судска пракса во Врховниот суд на Република Северна Македонија.

По дискусијата беа донесени следниве заклучоци:

1. Да се овозможи право на судење во разумен рок пред македонските судови

2. Да се води ефикасна истрага во случаите на тортура

3. Да се посвети поголемо внимание во земјата на пресудите на  Европскиот суд за човекови права

4. Да се врши поголемо промовирање, обезбедување и заштита на човековите права и слободи

5. Да се организира седница на која суштински ќе се разгледуваат предметите

6. Државата да преземе конкретни чекори по пресудите на Европскиот суд за човекови права во делот на извршување преку законски измени, односно суштински да навлезе во правото кое е повредено

7. Да се подобри техничката поддршка на судовите, како и да се зголемат нивните капацитет 

Click