Неформални групи

Среда, 13 март 2019 година

Kултурата е огледало на една држава и никогаш не се доволно средства

Комисијата за култура на Собранието на Република Северна Македонија, одржа надзорна расправа на тема: Културните политики и начинот на донесување на Годишната програма на Министерството за култура за проекти од национален интерес, со посебен осврт на реализацијата на Програмата за 2018 година.

Расправата ја отвори претседателката на Комисијата за култура, Ирена Стефоска, со вовед дека надзорните расправи се механизам за вршење парламентарен надзор над извршната власт, со кој се утврдува начинот на имплементација на законите во практиката и се согледува потребата од нивна евентуална измена.

Свои искази дадоа и одговараа на прашања и коментари на пратеници: министерот за култура, Асаф Адеми; националниот координатор за култура, Роберт Алаѓозовски; посебната советничка на премиерот за култура, Цветанка Ласкова; кабинетски службеници, државни советници во Министерството за култура; претседатели и членови на стручни комисии по одделни дејности.

„И покрај донесената Национална стратегија за култура, којашто ги дава основните стратешки приоритети и насоки за развој на културата, фактот што новиот Закон за јавен интерес во културата сè уште не е донесен, а кој произлегува токму од оваа Национална стратегија, и кој би го променил и моделот за финансирање во културата, создава дискрепанца помеѓу зацртаните цели и приоритети и она што всушност се случува во реалноста. Законот е во завршна фаза, за него беа одржани и две јавни дебати, така што очекувам во најкраток можен рок како предлог-закон да влезе во собраниска процедура“ – истакна Стефоска.

Со години, резултатите од конкурсот за финансирање на проекти од национален интерес во културата, што го објавува Министерството за култура, со поголем или помал интензитет ја брануваат културната јавност. Токму, во фокусот на критиките и прашањата на надзорната расправа, беше ревидираната годишната програма на Министерството за култура и начинот на финансирање на проектите.

Како што информираше министерот Адеми, согласно законските процеси, проектите на годишните конкурси ги разгледуваат стручни лица во конкретната област, со кредибилитет и без судир на интереси. Потенцираше дека тој, лично, за ниту еден проект не одлучувал самостојно. Главниот проблем на конкурсите, рече Адеми, е начинот на финансирање. Затоа, решиле да формираат работна група од професионалци која ќе работи на измени и дополнувања на актуелниот закон во делот на моделите за финансирање и на критериумите за оценување.

Во овој контекст, советничката Ласкова кажа дека културата е огледало на една држава и никогаш не се доволно средства, а секој апликант мисли дека неговата програма е најдобра. Треба да се одберат најдобрите и оние од национален интерес. Годинава има рекорден број на пријавени и прифатени проекти, а за степенот на нивната реализација говори зголемувањето на БДП во областа на културата.

Оваа надзорна расправа ќе им помогне на пратениците да добијат подетални информации, сознанија и подобар увид во состојбите, за потоа да донесат заклучоци кои ќе им помогнат на носителите на извршната власт во креирањето на културните политики и особено во нивната имплементација, а сè во интерес на културните работници.

За никогаш повеќе културата да не се доведе во ситуација да биде тема на уметнички инсталации, таа мора многу внимателно да се крои за да не биде после унаказена – заклучи Стефоска.

Датумот на одржување на продолжението на надзорната расправа, Комисијата за култура дополнително ќе го утврди. 

Click