Неформални групи

Вторник, 5 март 2019 година

Кузмановска: Новата политика на 21. век произлегува од историјата, но креира подобра иднина

На првиот ден од состаноците на Политичкиот комитет и Комитетот за цивилна димензија на безбедноста на ПС на НАТО, кои се одржуваат од 4 до 6 март 2019 г. во Атина, Република Грција, и на кои учествуаат пратениците Илија Димовски, шеф на Делегацијата на Собранието во ПС на НАТО и Катерина Кузмановска, член на Делегацијата, се обратија првиот потпретседател на грчкиот парламент Анастасиос Куракис и Христос Карагианидис, шеф на Грчката делегација во ПС на НАТО.

Куракис во своето обраќање го поздрави Преспанскиот договор и истакна дека Грција беше првата земја членка на НАТО што го ратификуваше Пристапниот протокол, со што покажа дека е силен промотор на мирот и стабилноста на Западен Балкан, за развој на добрососедски односи и за промовирање на нови начини на иновативна дипломатија. Карагианидис потенцираше дека Преспанскиот договор претставува храбар чекор преземен од владите на двете држави и Договор кој ќе го направи Балканот место на мир, солидарност и просперитет, стабилен и безбеден регион.   

Свое излагање во идентичен контекст имаше и Евенгелос Апостолакис, министер за национална одбрана, кој покрај тоа што го поздрави Преспанскиот договор како чин на храбра визија и крај на тридеценискиот спор, ја пренесе и подготвеноста на Република Грција да ѝ помогне на Република Северна Македонија во доменот на одбраната, односно зајакнувањето на капацитетите и интероперабилноста на војската за побрза интеграција на државата согласно НАТО стандардите.

Пратеничката Катерина Кузмановска во своето обраќање до колегите се заблагодари на искрената поддршка од сите 29 земји членки на НАТО, на поддршката од ПС на НАТО, а особено од грчките пратеници. Истакна дека самото учество на овие состаноци кои се одржуваат во Грчкиот парламент претставува настан од особено значење, бидејќи повеќе од 20 години не е воспоставен поблизок контакт меѓу двата Парламента. Верува дека соработката ќе се воспостави и на ниво на Пратенички групи за соработка за да се надомести изгубеното време и изгубените придобивки од парламентарната дипломатија. Поентираше дека со Преспанскиот договор, кој е навистина редок пример на исклучителна храброст и визија за регионот на Западен Балкан и кој е препознаен од меѓународната заедница како нов моментум за интеграцијата на регионот во НАТО И ЕУ, се покажа дека новата политика на 21. век произлегува од историјата, но креира подобра иднина.

Делегацијата оствари разговор со Христос Карагианидис, шеф на грчката делегација во ПС на НАТО, при што беа споделени едногласни заложби за поинтензивна меѓупарламентарна соработка, посети и размена на искуства од парламентарното работење. Со претседателот на Комисијата за надворешна политика, Константинос Дузинас, Делегацијата разговараше за можните начини на соработка, при што се заложија за формирање на пратеничка група во Грчкиот парламент за соработка со македонскиот парламент, со што со својот пандан во Собранието ќе се воспостават темелите на пријателска и конструктивна комуникација и соработка.

На денешниот состанок присуствуваше и претседателот на Грчкиот парламент, Никос Вуцис, кој подоцна оствари одделна средба со Медлин Мун, претседателка на ПС на НАТО, на која се разговарало за „историскиот Преспански договор, како пасош за соработка, мир и стабилност на Балканот”. На средбата грчките медиуми дадоа посебен публицитет, со што се потврдува поширокото значење од нормализацијата на состојбите меѓу двете држави и отворање ново поглавје во меѓусебните односи.  

Click