Неформални групи

Понеделник, 11 март 2019 година

Локвенец: ЕУ никогаш нема да биде цела без Западен Балкан

Делегација на Собранието на Република Северна Македонија, во состав: Хари Локвенец претседател на Комисијата за одбрана и безбедност; Ејуп Аљими координатор на Пратеничката група на Демократската унија за интеграција; Емилија Александрова, член на Комисијата за одбрана и безбедност и надворешна политика и Ане Лашкоска член на Комисијата за надворешна политика, учествуваше на Интерпарламентарна конференција организирана од страна на Комисијата на заедничка надворешна и безбедносна политика и Комисијата на заедничката безбедносна политика на државите членки на Европската Унија (ЗНБП/ЗБОП), што се одржа од 6 до 9 март 2019 година во Букурешт, Република Романија.

На Интерпарламентарната конференција учествуваа претставници од националните парламенти, Европскиот парламент, Европската комисија, експерти од областа на надворешната политика и одбраната, невладини организации, професори и огромен број медиуми.

Според агендата, се дискутираше за значајни и актуелни прашања како: приоритети и стратегија за иднината на европската безбедност, Источно партнерство десет години - европска аспирација, стратешка важност на Црното Море во ЕУ, Европа во глобален контекст, начини за зајакнување на одбраната во ЕУ, Брегзит, идни перспективи на ЕУ за земјите од Западен Балкан во процесот на проширување и други актуелни теми.

На отворањето на Конференцијата, свои обракања имаа: Калин Полеску-Таричеану претседателот на Романскиот сенат; Ливиу Драгнеа, претседателот на Домот на пратеници на Романија; Kристен Сорин-Думитреску, претседател на Комисијата за надворешна политика од Романскиот сенат и Лоан Мирчеа-Паску потпретседател на Европскиот парламент и член на Комитетот за надворешни работи (АФЕТ).

Преку видео фрекфенција се обрати и високата претставничката за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Федерика Могерини. Претставувајќи ја новата глобална стратегија за безбедност и надворешна политика на ЕУ, таа најави дека неопходно е да се вложи во безбедноста и одбраната, бидејќи тоа е заедничка обврска и одговорност на сите земји членки на ЕУ, наведувајќи дека излегувањето на Велика Британија од Унијата довело до несигурност. Могерини ги повика учесниците на Интерпарламентарната конференција, Европската комисија, Европскиот парламент и Советот на ЕУ да ги вложат сите нивни капацитети за ЕУ да се соочи со надворешните закани, миграцискиот бран, тероризмот, економските кризи,  климатските промени, сè со цел да им се гарантира безбедноста на граѓаните од ЕУ.

Во однос на сесијата посветена на перспектива за проширување и засилена посветеност на ЕУ кон земјите од Западен Балкан, свое излагање имаа: Норика Николаи, заменик-член на Комитетот за надворешни работи (АФЕТ) и заменик член на Поткомисијата за одбрана и безбедност во Европскиот Парламент; Виктор Бостинари  член на Комитетот за надворешни работи (АФЕТ); Тања Мишевич, шеф на преговарачкиот тим на Република Србија во процесот на преговори со ЕУ и Маркус Каим од Германскиот институт за надворешни работи и одбрана во Берлин.

Претседателот на Комисијата за одбрана и безбедност, Хари Локвенец, напомена дека ЕУ никогаш нема да биде цела доколку во неа не се вклучени и земјите од Западен Балкан кои природно припаѓаат на европското семејство. „Унијата ќе докаже дека е светска сила само доколку остане силно посветена на проширувањето, како процес кој промовира заедништво и развој“, рече Локвенец.

Во продолжение додаде дека без интеграција на Република Северна Македонија и земјите од Западен Балкан не може да се зборува за целосен, заокружен и успешен процес на проширување. Во тој домен тој рече дека посакува успешна приказна на Република Северна Македонија и вистинските одлуки кои се донесени изминатиот период да се валоризираат реално и во јуни 2019 година да резултираат со датум за почеток на преговорите за членство во ЕУ. Тоа ќе било силен мотив и поттик за сите останати земји од регионот и Европа.

Учесниците на Интерпарламентарната конференција имаа можност да остварат билатерални средби со потпретседателите на Европскиот парламент, претседателите и членови на различни комисии, претставници од Романскиот сенат и Домот на пратеници на Република Романија, претседателите на делегациите на Европскиот парламент со парламентите на земјите со кандидатски статус, европратеници, високи претставници од Европската комисија, претставници од Советот на ЕУ и др.

Click