Неформални групи

Петок, 31 мај 2019 година

Норвешки искуства за Парадата на гордоста

Пратениците, членови на Интерпартиската парламентарна група за правата на ЛГБТИ лицата, Ивана Туфегџиќ, Јагода Шахпаска, Јулиана Николова, Нола Исмајлоска-Старова, Снежана Калеска-Ванчева и Самка Ибраимоски, одржаа состанок со Стајн Рунар Естигард, координатор на меѓународната програма на Парадата на гордоста во Осло и со Антонио Михајлов од Субверзивен Фронт.

Целта на посетата беше да се споделат искуствата во организацијата на Парада на гордоста во Осло, Норвешка, во изминатите 40+ години. Овие искуства, секако, ги вклучуваат поддршката и вклученоста на локалната власт во Осло, како и централната и законодавната власт во Норвешка во организацијата на Парадата на гордоста во Осло, препознатлива по својата разновидна и инклузивна програма.

Стајн Рунар Естигард истакна дека целото внимание во моментов е насочено кон Северна Македонија, бидејќи во Скопје за прв пат ќе се одржи Парада на гордоста. Тој ја посочи важноста сите политички партии да работат заедно на темата, бидејќи ова не е  прашање на леви или десни, туку е прашање на човековите права и оттука ги поттикна пратениците да го продолжат дијалогот и да работат на создавање на еден безбеден простор за ЛГБТИ лицата. Во Норвешка, како што информираше тој, повеќето градови и општини веќе имаат развиено свои стратегии за ЛГБТИ лицата, а во самата влада пак постои едукативен и истражувачки центар кој работи на оваа тема.

Пратениците, членови на Групата, го запознаа гостинот со процесот на етаблирање на Групата во Собранието на Република Северна Македонија и најзначајните активности и резултати од нејзиното работење, за кои ѝ беше и доделена наградата „Поддржувач на годината“ од страна на невладиниот сектор.

Во однос на Парадата на гордоста, која е закажана за 29 јуни 2019 година во Скопје, присутните се согласија дека улогата на политичарите е важна, не само од безбедносен аспект, туку и заради подигање на свеста во јавноста, а истата претставува еден позитивен импулс и славење на различноста.

Имајќи ја предвид важноста на меѓународната соработка и размената на искуства, на крајот од средбата, Антонио Михајлов најави дека во моментов работи на организирање на студиска посета во Норвешка, во соработка со Националниот ЛГБТИ ресурсен центар во Норвешка, а под координација на Норвешкиот хелсиншки комитет.

Click