Неформални групи

Среда, 6 март 2019 година

Обединетото Кралство прави подготовки што поскоро да го ратификува пристапниот протокол

Делегација на Собранието на Република Северна Македонија, во состав: Диме Велковски, Шпреса Хадри, Африм Гаши, Владимир Ѓорчев и Сурија Рашиди од 4 до 6 март престојуваат во официјална посета на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска.

Во текот на посетата, Делегацијата се сретна со повеќе претставници на двата дома на Парламентот, како и со претставници на извршната власт, мегу кои: Линдси Хојл, заменик на спикерот на Претставничкиот дом,  Џон Витингдале, шеф на Делегацијата во ИПУ; лордот Ховел, претседател на Комитетот за надворешни односи; баронесата Дсуза; Мартин Викерс, претседател на Групата за пријателство со Северна Македонија, Калид Махмуд, опозиционен министер за надворешни и комонвелс прашања и други. Од страна на домаќините, реализирањето на Преспанскиот договор беше оценето како многу важен чекор во историјата на нашата земја и регионот, за што изразија честитки. Беше речено дека и ОК прави подготовки што поскоро да го ратификува пристапниот протокол.

Сите соговорници од страна на ОК ја истакнаа определбата на нивната земја за зголемен фокус во регионот на Западен Балкан и за продолжување на поддршката на нашата држава и понатаму. Тие се интересираа дали постои консензус во Република Северна Македонија во однос на евроатлантската интеграција, како и за претстојните активности на владата за исполнување на потребните обврски пред очекуваното започнување на преговорите со Европската Унија.

Интерес покажаа и за претстојните претседателски избори, нивната организација и перцепција на кандидатите од страна на јавноста. Од претставниците на Foreign Office беше речено дека ќе пратат голем број на набљудувачи за изборите.

Во текот на средбите, нашата делегација беше запознаена со струткурата, дејностите, функционирањето и начинот на извршување на задачите од страна на членовите на Домот на лордовите и Претставничкиот дом на Парламентот на ОК, како и за текот на процесот на БРЕГЗИТ.

Членовите на нашата делегација, заблагодарувајки се за постојаната поддршка на ОК, го поздравија засилениот нивен интерес за регионот. Притоа, истакнаа дека во Република Северна Македонија постои партиски и меѓуетнички консензус за евроатлантските интеграции, а јавната поддршка континуирано расте и е над 75%.

Беше речено дека Северна Македонија очекува наскоро и ОК да се приклучи на земјите коишто веќе го ратификуваа протоколот.  Исто така, домаќините беа запознаени за претстојните активности на нашето Собрание каде се очекува за краток период да се усвојат сите реформски закони во областите побарани од страна на ЕУ, како услов за започнувањето на преговорите за членство.

Домаќините беа информирани дека досега се извесни тројца кандидати, од кои еден консензуален меѓупартиски и меѓуетнички кандидат, еден кандидат на македонската партија во опозиција, како и еден независен кандидат, поддржан од партиите на Албанците во Северна Македонија, кои се во опозиција.

На средбите, соговорниците разменија мислења и за парламентарните односи меѓу Северна Македонија и ОК, за клучните приоритети и предизвици на нашата држава, членството во ЕУ и реформите поврзани со тоа, како и за односите меѓу ОК и Северна Македонија, после БРЕГЗИТ. 

Click