Неформални групи

Среда, 10 април 2019 година

Отвореност од пријателска Чешка за споделување искуства за патот кон НАТО и ЕУ

Пратеничката група на Собранието на Република Северна Македонија за соработка со Парламентот на Чешката Република и претседателот на Комисијата за одбрана и безбедност, Хари Локвенец, остварија средба со Чешка делегација, предводена од Јан Хамачек, заменик-претседател на Владата и министер за внатрешни работи на Чешката Република.

Претседателката на Пратеничката група, Јагода Шахпаска, изрази задоволство од средбата со делегација од пријателска земја, со која нѐ поврзуваат словенски корени, која е наш партнер и поддршка на евроинтегративниот пат.

Во продолжение таа ги информираше гостите за реформскиот напредок на земјата, вклучувајќи ги измените во Кривичниот законик, судството, Специјалното јавно обвинителство, новата Државна комисија за спречување на корупција, законот за заштита од дискриминација, формирањето агенција за национална безбедност, итн.

Европските интеграции се многу значајни, зашто значат развој во сите општествени сфери, пристап до поголем пазар, пласман на производите на поширокото европско подрачје. Eвроинтеграција на земјата, рече Шахпаска, значи исполнување на визијата на бројни политичари пред нас.

Нашата земја е во процес на ратификација на Протоколот за членство во НАТО и наскоро се очекува потпишување и во Чешкиот парламент. Од голема важност е членството во Алијансата како сериозна безбедносна гаранција, не само за нашата земја, туку и за Регионот, затоа што Стабилен Балкан, значи и стабилна Европа.

„Капа долу“, беше коментарот на Хамачек за успешното решавање на проблемот и прифаќањето на тешкиот и болен компромис. Тој понуди отвореност за споделување позитивни искуства за патот кон НАТО и ЕУ, но и на нивните грешки кои ги направиле, сѐ со цел ние, искрено пријателската земја, евентуално да не ги повтори.

Исто така, Хамачек зборуваше за тамошните безбедносни служби, заедничките мисии во Авганистан, учеството на полицијата во справувањето со мигрантите на македонско-грчката граница, потоа за тајните служби, соработката во борбата против организираниот криминал и противпожарната заштита. Притоа, понуди дополнителна финансиска помош и помош во модернизација на овдешниот систем.

Од своја страна, пак, Хари Локвенец ги запозна гостите за консензуалната определба на земјата за ЕУ и НАТО. Како еден од основните услови за членство се добрососедските односи, и во тој контекст е големиот исчекор со Договорите со Бугарија и Грција. Локвенец информираше за донесениот Стратегиски одбранбен преглед, важен во насока на зачленување во Алијансата, додека во однос на следењето на комуникациите, формирањето на Оперативно-техничката агенција и воведувањето Граѓански совет и експерти, со цел засилена контролна улога на Парламентот и доверба на граѓаните во државните институции, понатаму реформа на старата Управа за безбедност и контраразузнавање со што ќе се регулира нејзиното работење, како и подготовка на нов закон за меѓусебна координација на безбедносните служби.

Во разговорот се вклучија и членовите на Пратеничката група, Владанка Авировиќ и Жаклина Пешевска. Пратеничката Авировиќ информира дека го дала гласот за уставни измени во насока на членство во ЕУ и НАТО и побара дополнителен импулс од чешка страна за добивање датум на јунскиот Самит, со оглед на тоа што реформите течат, а спорот со името е решен. Од своја страна, пак, Пешевска, ја искажа определбата на својата партија за ЕУ и НАТО, но изрази жалење што промената на името и уставните измени се без народен консензус, имајќи го предвид резултатот од референдумот, како и со притисоци и уцени.

На крајот од средбата, Шахпаска истакна дека земјата е пред претседателски избори, кои ќе бидат тест за демократијата, треба да бидат кристално чисти, со јасно изразена волја на граѓаните. „Испорачавме многу реформи, очекуваме и ЕУ да испорача“, заврши Шахпаска. Во овој контекст, Хамачек вети активно лобирање, затоа што зборот треба да се одржи, направено е сѐ и нема пречка да не започнат преговорите.

Click