Неформални групи

Четврток, 27 септември 2018 година

Потреба од активно вклучување во борбата против трговијата со луѓе

Пратеникот Сашко Костов на 25 и 26 септември 2018 година учествуваше на парламентарна работилница во Тирана, организирана од страна на Парламентот на Република Албанија и Фондацијата за борба против трговија со луѓе од Лондон, Велика Британија. 

Темата на оваа работилница беше „Борбата против трговија со луѓе", а целта - да се разговара за моменталната состојба и степенот на трговијата со луѓе и модерното ропство од и во рамките на Балканот, како и тоа дали поблиските врски со европските парламенти ќе ја зголемат ефикасноста во борбата против трговијата со луѓе преку еден комбиниран пристап.

На овој семинар зедоа учество членови на Парламентите од Велика Британија, Италија, Грција, Словенија, Србија, Албанија и Косово. 

Пратеникот Сашко Костов ги запозна учесниците за активностите на Република Македонија, односно активностите на Националната комисија за борба против трговија со луѓе и илегална миграција, и истакна дека нашата држава веќе седумнаесет години ги гради сопствените капацитети и прави постојани заложби за организирано справување со трговијата со луѓе и илегалната миграција, со цел активно да се вклучи во напорите на меѓународната заедница за превенција и борба против оваа појава како еден од најтешките облици на организиран криминал.  

Во продолжение, Костов ги информираше присутните дека оваа Националната комисија е тело формирано со задача да врши мониторинг и анализа на состојбите во врска со трговијата со луѓе и илегалната миграција, да ги координира активностите на надлежните институции во и надвор од системот на Владата, како и да организира и да спроведува соработка со релевантни меѓународни организации и здруженија на граѓани. Доказ за тоа се и Извештаите на ЕУ и Стејт департментот на САД, како и Извештаите на други релевантни меѓународни организации. 

Тој нагласи дека во иднина како приоритетна активност за Република Македонија се активности насочени кон измена на Кривичниот закон од аспект на инкорпорирање на начелото за неказнување, како и воспоставување на Закон за обесштетување на жртви од насилен криминал. Продолжување со основни и специјализирани обуки за трговија со луѓе, како на полициските службеници, така и на социјалните работници и трудовите инспектори, во насока на подобрување на меѓусебната соработка и поефикасна идентификација и заштита на жртвите на трговија со луѓе. 

На крајот од работилницата заклучокот беше дека овој вид на проблем и предизвик е долгогодишен и присутен во речиси сите држави, а за справување со истиот е потребно активно вклучување и придонес на сите инволвирани страни. Сите говорници беа едногласни дека особено е важна превенцијата, односно подигнувањето на јавната свест за трговијата со луѓе, како и зајакнувањето на регионалната соработка.

Click