Неформални групи

Четврток, 7 март 2019 година

Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за енергетика разгледан во Комисијата за економски прашања

Комисијата за економски прашања на Собранието на Република Северна Македонија на денешната Дваесет и деветта седница, како матично работно тело, го разгледа Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за енергетика, поднесен од пратениците Хари Локвенец и Реџаиљ Исмаили (по скратена постапка).

Воведно образложение по поднесениот Предлог на закон даде претставникот на предлагачите, пратеникот Реџаиљ Исмаили.

Тој истакна дека целта која се сака да се постигне со донесување на овие измени и дополнувања на Законот за енергетика е да се создадат законски основи Регулаторната комисија за енергетика да донесува одлуки за формирање на цените на нафтените деривати и горивата за транспорт и по престанувањето на важењето на Методологијата пропишана со Анекс Д од Договорот за купопродажба на акции и за концесија на Рафинерија АД “ОКТА” -Скопје, потпишан меѓу Владата на Република Македонија и акционерското друштво „ЕЛ.П.Е.Т. – Балканики” како стратешки инвеститор.

Исто така, со предложените измени и дополнување на Законот за енергетика ќе се овозможи Регулаторната комисија за енергетика да донесе пропис и методологија за формирање на цени на овие енергетски производи којашто ќе биде заснована на: урамнотежување на интересите на вршителите на енергетски дејности и потрошувачите, заштита на потрошувачите од каква било злоупотреба на доминантната позиција на пазарот и креирање на мерки за поттикнување на ефикасно работење на вршителите на енергетски дејности на пазарот на сурова нафта и нафтени деривати, преку надоместување на нивните трошоци и стекнување на соодветен принос на капитал.   

Во рокот утврден со Деловникот на Собранието, на Предлогот на законот не беа поднесени амандмани од овластени предлагачи. Комисијата го проследи истиот на натамошна постапка во Собранието. 

Click