Неформални групи

Среда, 6 март 2019 година

Сè уште постои опасност од нови мигрантски бранови од грчките острови 

Вториот ден од состаноците на Политичкиот комитет и Комитетот за цивилна димензија на безбедноста на ПС на НАТО, кои се одржуваат од 4 до 6 март 2019 г. во Атина, Република Грција, беше посветен на мигрантите и бегалците, а особено на мигрантскиот бран на морските граници на Грција. 

Свои обраќања имаа високи претставници на Грчката крајбрежна стража, на Европската агенција за контрола на брегот и границите (Фронтеџ) и на Канцеларијата на УНХЦР во Грција. 

Податоците кои ги изнесоа се однесуваа на нивните активности во справувањето со големиот наплив мигранти на морските територии на страната спрема границата со Турција, на територија која опфаќа 1 милион м2 со 80.000 км грчки брег и со многу интензивен поморско-трговски сообраќај. Ја потенцираа одличната соработка со турските власти и институции и заедничките акции насочени кон спасување на што поголем број животи и минимизирање на трагичните последици.

Особен акцент во дискусиите беше ставен на прифаќањето и интеграцијата на мигрантите во грчкото општество, како државата обезбедува услови за достоинствен живот и извршување на секојдневните активности. Беше спомената и заедничката операција Посејдон, која се изведе минатата година со учество на 26 земји членки на ЕУ и асоцијативни членки и која чинеше 46 мил.евра. Во тој контекст, беше нагласено дека само со заедничка акција на сите европски земји, со зајакната меѓусебна соработка и со активна партиципација на сите релевантни фактори може да се постигне успех во спречување на трговијата со луѓе, криумчарење мигранти и спречување на активности од органзииран криминал. 

Пратеничката Катерина Кузмановска ги запозна присутните со мигрантските движења на северната, копнена граница на Грција и посочи дека Република Северна Македонија од 2015 г. се соочи со наплив на мигранти од сириските воени жаришта, кога низ земјата минаа речиси 700.000 мигранти. Официјалното затворање на границите на државите кои се најдоа на Балканската рута придонесе да се зголеми бројот на лица што илегално сакаа да ја преминат грчко-македонската граница, а воедно и се зголемија и пропратните криминални активности. Република Северна Македонија отвори два транзитни центри, кои сè уште се оперативни и кои служат за згрижување на мигрантите, а границата заеднички се обезбедува со тимови на полицајци од повеке европски држави. 

Актуелни се нови „балкански рути” кои сè повеќе афектираат земји-членки на ЕУ и НАТО (Албанија-Црна Гора-Хрватска-Словенија), но истовремено опасноста од нови мигрантски бранови од грчките острови и понатаму постои. Секое зголемување на мигрантските движења на островите ќе придонесе движење и на македонско-грчката граница. Во дијалогот со претставниците, беше изнесено дека понатамошните чекори ќе зависат од мигрантските политики во Грција и Турција, но и од Акциониот план на ЕУ, кој сè уште не е усвоен и кој треба да предвиди како ќе се решава прифаќањето на мигрантите во секоја земја членка на ЕУ. 

На маргините на состаноците, пратеничката Кузмановска оствари разговор со претседателката на ПС на НАТО, Медлин Мун и со шефот на Грчката делегација во ПС НАТО, Христос Карагианидис, при што од нивна страна беше поздравен историскиот успех на двете држави со потпишувањето на Преспанскиот договор. Беше констатирана потребата од воспоставување на потесна билатерална соработка, поинтезивна меѓупарламентарна комуникација и зајакнување на меѓусебната поддршка на мултилатерален план. 

Како дел од Програмата, учесниците на состаноците имаа можност да посетат бегалски кампови близу Атина, а се запознаа и со начинот на работа на Националната крајбрежна стража на Грција. 

Click