Неформални групи

Четврток, 30 мај 2019 година

Семинарска подготовка на земјата за идната улога како 30-та членка на НАТО

Денеска во Собранието продолжи Специјалниот семинар за Република Северна Македонија на тема „Следните чекори кон НАТО“, во време кога е во тек процесот на ратификација за зачленување на нашата земја во Алијансата.

Токму дискусиите со експерти од НАТО и други организации на дводневниот семинар се еден вид подготовка на земјата за идната улога како 30-та членка на НАТО, со што нема да биде само партнер, туку и сојузник.

Република Северна Македонија, како признание за напорната работа и придонесот во Алијансата, доби покана за членство во февруари, а вчера од Европската комисија доби и препорака за започнување преговори за влез во Европската Унија.

Во текот на денешниот ден од Семинарот, се дискутираше за националните, политички и административни структури за Алијансата. Во таа насока, Јан Хавранек од Канцеларијата на генералниот секретар на НАТО имаше свое излагање за најдобрите практики и научени лекции за организацијата, персоналот, и поддршката за националните, министерски и парламентарни канцеларии кои се занимаваат со НАТО, координација и комуникација во и помеѓу овие тела.

Исто така, поновите сојузници, Словенија и Хрватска, преку свои претставници, споделија искуства за пристапувањето и членството во НАТО, како совети за нашата земја. Присутните имаа можност да слушнат непосредни согледувања за политичкиот контекст и значењето на пристапувањето во НАТО, практични прашања кои се појавиле при подготовката на канцелариите и службените лица за работа со НАТО, справувањето со бирократијата и процесите на НАТО, и на крајот „научените лекции“ од сето тоа. 

Полковници од Министерство за одбрана на Република Северна Македонија ќе  зборуваат за подготовката за НАТО: Извештај за статусот од Министерството за одбрана, развој на долгорочни капацитети, модернизација и трансформација на Стратешкиот одбранбен преглед.

На крајот од Семинарот, се очекуваат и заклучоци.

Click