Неформални групи

Вторник, 28 мај 2019 година

Собранието и граѓанскиот сектор – „Сами можеме многу, но заедно можеме сѐ“

Во Собранието денеска се одржа Национален форум на Цивика Мобилитас за соработка меѓу Собранието и граѓанските организации.

Модератор на настанот беше Александар Кржаловски, директор на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и национален тим-лидер на програмата Цивика Мобилитас на Швајцарската амбасада.

Во воведното обраќање, претседателот на Собранието, Талат Џафери, истакна дека има напредок во однос на отворениот парламент и соработката со невладиниот сектор, но тоа не значи дека е постигната целта, туку, напротив, парламентарната демократија треба постојано да се развива и надградува.

Воведен говор имаше и амбасадорката на Швајцарија, Сибил Сутер Тахеда, која изрази чест и задоволство од присуството на двете страни на политичкиот спектар и верба дека ова е само почеток на една долга и плодна соработка.

Пред присутните се обратија и координаторите на Пратеничките групи на СДСМ и Коалицијата и ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата, Јован Митрески и Никола Мицевски, кои го посочија граѓанскиот сектор како силен партнер.

Митрески истакна дека овој парламентарен состав може да се пофали со отвореност за соработка во сите општествени области. Граѓанскиот сектор е суштината на демократијата и движечка сила на едно општество. „Анализирате, набљудувате, критикувате, вие сте гласот на народот“, им се обрати Митрески на граѓанските организации.

Од своја страна, координаторот Мицевски истакна дека Собранието има нужна потреба од граѓанските здруженија и во таа насока е неопходна постојана комуникација и градење нови механизми за продлабочена соработка. „Без развиен граѓански сектор, нема развиена држава, заклучи Мицевски.

Во продолжение на настанот свои видувања дадоа пратеници и претставници на граѓанските организации. Се наведоа досегашните успешни проекти, обуки, семинари, работилници, тркалезни маси, трибини, како дел од сеопфатната соработка меѓу Собранието и граѓанскиот сектор, придонесот во носењето добри законски решенија во интерес на граѓаните, поголема отчетност и транспарентност и засилување на надзорната улога. Притоа беа споменати формирањето на Клубот на пратенички, Младинскиот клуб, ЛГБТИ групата, носењето на законот за спречување и заштита од дискриминација, Антикорупциската комисија, Законот за аудио и аудиовизулни медиумски услуги, зајакнувањето на улогата на жените и др. Во овој контекст беше речено „Сами можеме многу, но заедно можеме сѐ“.

Во отворена дебата со прашања и дискусии, присутните од двете страни имаа можност да разменат позитивни и негативни искуства, да дадат критики и да споделат идеи, сè со цел подобра и поуспешна соработка во интерес на граѓаните.

Претставниците на граѓанските организации ветија дека ќе ги потсетуваат пратениците до каде се со процедурите, затоа што тие се оние што можат да направат промени за да граѓаните уживаат во придобивките. Беше искористен  цитатот од руски активист: „Кога ни ги затворија вратите, се научивме да влегуваме од прозорци“, како заклучок на упорниот ангажман на граѓанскиот сектор во креирањето законски решенија за подобро и еднакво општество.

На крајот од форумот, модераторот Кржаловски ги сумираше заклучоците, и тоа како потреба од:

  • меѓусебно информирање; 
  • редовна и институционализирана соработка; 
  • јавна дискусија по тематски целини; 
  • надминување на меѓусебната недоверба и усогласување на ставовите;
  • користење на експертизата на граѓанскиот сектор од страна на Собранието; 
  • поотворено Собрание, преку веб-страницата, Отвореното владино партнерство, вклученост на граѓанските организации и поконструктивни отворени денови; 
  • воведување традиција на вакви форуми на теми од заеднички интерес.
Click