Неформални групи

Понеделник, 18 март 2019 година

СТУДИСКА ПОСЕТА НА ИППГ ЗА ЛГБТИ ЛИЦАТА ВО ХОЛАНДИЈА

Пратениците, членови на Интерпартиската парламентарна група за правата на ЛГБТИ лицата: Маја Морачанин, Павле Богоевски, Лилјана Поповска, Славица Шуманска-Митева, Јагода Шахпаска, Снежана Калеска-Ванчева и Емилија Александрова, учествуваа на студиска посета во Холандија. Учество зедоа и претставници од невладините организации, Министерството за труд и социјална политика и од Холандската амбасада.

Целта на посетата беше презентирање на најдобрите парламентарни пракси за унапредување на правата на ЛГБТИ луѓето, како и размена на искуства за подигање на свеста за ненасилство, спречување на говор на омраза и дискриминација. Студиската посета беше организирана од ХЕРА - Асоцијација за здравствена едукација и истражување, во рамките на Проектот „Собранието и локалната самоуправа во унапредувањето на правата на ЛГБТИ луѓето“, а поддржана од Амбасадата на Кралството Холандија.

Посетата започна со средба со холандската пратеничка Невин Озуток, член на  Комисијата за образование, култура и наука, на која се разговараше за состојбите и политиките поврзани со правата на ЛГБТИ луѓето.

Во Министерството за образование, култура и наука, од страна на Секторот за еднакви можности кој работи на ЛГБТИ политики, се одржа презентација за развивање на специфични програми и обуки на наставниот кадар во основното и средно образование.

Во текот на средбата во Министерството за надворешни работи со поранешната амбасадорка во земјава Мариет Шурман, сега амбасадорка во ОН, беа разменети позитивни искуства за почитувањето на човековите права и слободи.

Во рамки на посетата, беше остварена средба со најстарата невладина ЛГБТИ организација во светот - ЦОЦ Холандија, со Мараја Корнелисен, поранешна европратеничка и член на ИППГ на Европскиот парламент и со пратениците Астрид Остенбург и Јероен ван Вијнгарден. Со Софи Шерс, која е активна во областа на правата на трансродовите лица, пратениците дискутираа за искуствата поврзани со правното признавање на родот. Мартин де Јонг, командирот на посебната полициска единица за ЛГБТИ, ги презентираше придобивките од функционирањето на оваа единица.

Кординаторката на Групата, Маја Морачанин, ги информираше своите домаќини дека ИППГ за правата на ЛГБТИ лицата е единствена парламентарна група во регионот која работи на овие теми. Од досегашните активности го потенцираше донесувањето на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и Законот за спречување и заштита од дискриминација, во кои сексуалната ориентација и родовиот идентитет се експлицитно наведени како основи за дискриминација. Таа ја истакна и улогата на групата во подигање на јавната свест за елиминација на говорот на омраза, насилството и дискриминацијата на ЛГБТИ луѓето. Во тој контекст, се осврна на учеството на пратениците во низа дебати и конференции, како и во медиумската кампања „Не суди кој кого љуби”.

Пратениците информираа за прогресот во слободата на говорот, унапредувањето на законската регулатива за спречување и заштита од дискриминација и за прекин на бременоста, ратификацијата на Истанбулската конвенција, како и за реформските закони од областа на безбедносно-разузнавачките служби и правосудството. Тие го истакнаа огромното значење на започнувањето на преговорите со Европската Унија, што би придонело кон демократскиот развој и стабилноста на македонското општество и на Регионот во целина.

Пратениците искажаа поддршка на предлогот за вклучувањето на Република Северна Македонија во глобалната Коалиција за еднакви права. Истовремено, упатија покана до своите холандски колеги за посета на земјава, со цел поинтензивна соработка и размена на искуства поврзани со правата на ЛГБТИ луѓето. 

Click