Неформални групи

Вторник, 28 мај 2019 година

Собраниска делегација на регионална работилница за трговските политики, правилата и функционирањето на Светската трговска организација

Делегација на Собранието на Република Северна Македонија, во состав: Анета Симеска-Димоска и Зоран Илиоски, заменик-членови на Комисијата за економски прашања, учествува на регионална работилница во организација на Светската трговска организација, која од 27 до 29 мај 2019 година се одржува во Виена, Австрија. 

Работилницата е посветена на трговските политики, правилата и функционирањето на Светската трговска организација, заклучоците од министерските конференции одржани во Буенос Аирес и Астана, регионалните трговски договори и мултилатералната трговија и вклученост на пратениците во меѓународната трговија. 

На регионалната работилница учествуваат и претставници од Парламентите на земјите на Централна и Источна Европа, Централна Азија и Регионот на Кавказ.

Свое излагање имаше пратеничката Анета Симеска-Димоска, при што истакна дека пратениците треба да одржуваат редовни средби со претставници на стопанските комори и да ја поттикнуваат соработката помеѓу стопанските комори од различни земји. Преку одржување на средби со претставниците на компаниите од местата каде што се избрани за пратеници и согледување на нивните проблеми и идеи за поттикнување на економскиот раст и трговија може да иницираат одредени законски решенија кои ќе влијаат позитивно врз економијата. Учеството на работилници и конференции во организација на Светската трговска организација може да придонесе за подобро запознавање на пратениците со принципите и начинот на функционирање на Светската трговска организација, како и размена на идеи помеѓу пратениците од различни земји за унапредување на трговијата. 

Со значителен дел од земјите чии претставници учествуваат на оваа работилница Република Северна Македонија остварува минимална или никаква трговска размена. Во рамки на своите надлежности пратениците се должни да иницираат до своите влади ратификации на меѓународни договори за слободна трговија со оние земји со кои немаат склучено такви договори, како и некои законски измени со кои ќе се олесни размената на стоки меѓу бизнисмените од различни земји. 

Како пратеник кој доаѓа од земја со мала економија, со ограничени суровини и зависна од репроматеријали, Димоска даде целосна поддршка на слободната трговија како на регионално, така и на глобално ниво, со што е можно помали трговски и царински бариери. Водењето на ваква економска политика од страна на сите земји ќе придонесе кон поголем економски раст на земјите и повисок животен стандард на населението.

Свое излагање имаше и пратеникот Зоран Илиоски и притоа истакна дека Република Македонија стана 143 членка на Светската трговска организација во 2003 година. Членството во СТО наметна натамошна либерализација во трговската политика на Република Македонија, како и имплементација на бројни реформи во однос на царинската политика, стандардите и транспарентноста. Паралелно со напорите за трговско интегрирање во рамките на СТО, Република Македонија презеде активности за унапредување на односите со важните тековни или потенцијални трговски партнери преку потпишување на билатерални или регионални договори за слободна трговија. Согласно членството во Светската трговска организација, Република Македонија секоја година врши хармонизација на своето законодавство преку намалување на стапките во Царинската тарифа на повеќе производи. Од 2006 година, Република Македонија е членка на ЦЕФТА – зоната на слободна трговија на земјите од централна и источна Европа. Со трансформацијата на оваа интеграција во ЦЕФТА 2006, Република Македонија стана дел од регионалната трговска организација која има за цел унапредување на трговијата и економските односи помеѓу земјите од југоисточна Европа. Во изминатиот период честопати се случуваше одредена земја членка на ЦЕФТА да ги прекршува одредбите од Договорот на ЦЕФТА и да воведува нецарински бариери при увозот на одредени производи за да го заштити домашното производство. Ваквите политики вообичаено доведуваа до контра мерки од земјата извозник и појава на „трговски војни“, што негативно влијае врз целокупната економска размена меѓу земји, а најмногу од ова трпат економските субјекти.

Според податоците на Државниот завод за статистика на Република Македонија, во изминативе години најголемо учество во стоковната размена имаат земјите-членки на Европската Унија со преку 70% од вкупната размена и земјите од Западен Балкан. Значаен придонес за ваквата состојба имаат потпишаните договори за слободна тровија кои ја поттикнуваат трговијата. Според податоците од Државниот завод за статистика и за периодот јануари - февруари 2019 година најголема трговска размена се остварува со земјите од ЕУ, потоа следат земјите од Западен Балкан и мала размена со земјите членки на ЕФТА. За жал со значителен дел од земјите кои се присутни на оваа работилница (Авганистан, Ерменија,Таџикистан, Узбекистан, Република Киргистан), Република Македонија остварува минимална или никаква соработка. Како и за останатите недоволно развиени земји и земјите во развој, така и на Република Македонија и се потребни позначителни странски директни инвестиции кои ќе придонесат за зголемување и диверзификација на извозот. Во изминатиот период се случи и одредена трансформација на индустријата при што одредени традиционални индустрии полека го губат своето значење, а се забележа значаен напредок на информатичките и комуникациски услуги и развој на ИТ и целокупен услужен сектор кои позитивно влијаат врз зголемување на продуктивноста на самите компании. 

Click