Неформални групи

Среда, 29 мај 2019 година

Специјален семинар за следните чекори кон НАТО

Во Собранието се одржува дводневен Специјален семинар за Република Северна Македонија на тема „Следните чекори кон НАТО“, на кој учествуваат експерти од НАТО и други организации.

Семинарот го отвори бригадниот генерал (пенз.) Дитер Барајс, заменик-директор на германско-американскиот центар Џорџ Ц. Маршал, кој изрази задоволство и чест од одржувањето на ваков семинар во едно историско време за нашата земја, која во февруари доби покана за членство во НАТО, како признание за напорната работа и придонесот во Алијансата. Токму во таа насока на завршување на работата за конечно зачленување во НАТО, овој семинар има во фокус различни теми со отворен дијалог.

Поздравно обраќање имаше претседателот на Собранието, Талат Џафери, кој го окарактеризира денешниот настан како јасен индикатор дека споделуваме иста цел и исти вредности во кои веруваме, а тоа се мир, стабилност, борба против секој вид на тероризам, владеење на правото, почитување на човековите права и слободи и јакнење на демократските процеси. Тој изрази верба дека овој семинар ќе даде многу конкретни насоки и идеи за нашите идни чекори во НАТО како рамноправна членка која е свесна за своите обврски кон Алијансата и кон сите нејзини членки.  

Во своето воведно обраќање, германскиот амбасадор, Томас Н. Герберих, истакна дека постојаната соработка на Германија со нашата земја е приоритет во нивната надворешна политика, затоа што Република Северна Македонија дава импресивни резултати на патот кон ЕУ и НАТО и фокусот мора да остане на реформскиот процес.

Поздравните обраќања ги заокружи Микаела Швајцер-Блум, вршител на должност во Амбасадата на САД во Скопје, која потсети дека е во тек процесот на ратификација за да Република Северна Македонија стане 30-та земја членка на НАТО, со што нема да биде само партнер, туку и сојузник. Таа изрази очекување дека овие дискусии ќе ја подготват земјата за идната улога како одговорна членка на НАТО.

Учесниците на семинарот во текот на денешниот ден имаат можност да дискутираат за повеќе теми, како: Преглед на стратешкиот контекст (политика на отворени врати, Западен Балкан, актуелни безбедносни предизвици), достигнувањата на Северна Македонија во НАТО, преостанати чекори и задачи; Како функционира НАТО: Организациски структури на Алијансата и процеси на донесување одлуки на хартија и во пракса, вклучувајќи воени совети и командни структури, финансирање, национална и меѓународна координација, и како земјите му пристапуваат на учеството; Улогата на интегрираното планирање на одбраната во рамките на Алијансата, клучни принципи и чекори, практични размислувања и совети за успех; Основните концепти и принципи на стратешката комуникација, предизвиците на актуелнота комуникациска средина и размислувања за ефективно пренесување на вредноста и целите на НАТО на националната и меѓународната публика.

Click