Неформални групи

Вторник, 12 март 2019 година

Средба на Комисијата за надзор над спроведување на мерките за следење на комуникациите со вицепремиерот Османи

Комисијата за надзор над спроведување на мерките за следење на комуникациите во Собранието на Република Северна Македонија денеска оствари средба со заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, заедно со делегација од Секретаријатот за европски прашања.

На средбата, претседателот на Комисијата, Емил Димитриев, ги истакна досегашните активности на Комисијата - неколкуте направени контроли, во кои досега не се утврдени нерегуларности, но увидени се проблеми од недостаток на технички услови за работа, општа формулација во законодавството, како и негова неимплементација. 

Воедно, тој сподели и компаративни искуства за работењето на Kомисиите во земјите членки на НАТО и ЕУ, каде на многу повисоко ниво е организиран надзорот, како и предизвиците кои претстојат во обезбедување на т.н „глуви соби“, регулирање на употребата и архивирањето на класифицираните документи.

Отпочнат е процесот  за ангажирање на двајца технички експерти за постојана поддршка на Комисијата,  кои сe од суштинско значење, а во фаза на подготовка е и нов посебен Закон за надзор на службите за безбедност, како и Акциски план за спроведување на активностите на Комисијата, со цел поголема видливост во работата на Комисијата.

На состанокот стана збор и за можностите за соработка и поддршка од страна на СЕП како координатор на процесот, во смисла на институционална, техничка и финансиска поддршка, вклучително и преку проектите со кои тековно располага Секретаријатот.

Оваа средба е во пресрет на состанокот на Советот за стабилизација и асоцијација на 19 март, што е прв прелиминарен тест на динамиката на реформската агенда, во чиј фокус се реформите во безбедносно-разузнавачкиот систем, зголемување на видливоста на работата на Комисијата, како и градење на капацитети за одржливи вредности - посочи вицепремиерот Османи.

Во продолжение, тој изрази задоволство од работата на Собраниската комисија за следење на безбедносните служби, посочувајќи ги како една од главните алатки во воспоставувањето на функционалноста на реформите, како важен елемент по кој ќе се оценува севкупната трансформација на безбедносниот систем на земјата.

Институционалната посета на вицепремиерот Османи е со цел следење на имплементацијата на реформите од Планот 18, предизвиците поврзани со истата, како и соодветниот „трак рекорд“ на активности од спроведување на реформите.

Click