Четврток, 18 октомври 2018 година
Средба на претседателот Џафери со членовите на Работната група одговорна за односите на ЕУ со земјите од Западен Балкан - Република Албанија, Босна и Херцеговина, Република Македонија и Косово
Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Талат Џафери, заедно со потпретседателите г-ѓа Фросина Ташевска Ременски, г. Весел Мемеди и г. Горан Мисовски, координаторите на пратеничките групи г. Томислав Тунтев, г. Драган Данев, г. Агим Шаќири, г. Африм Гаши и г-ѓа Теута Биљали, како и генералниот секретар на Собранието, г-ѓа Цветанка Иванова, остварија средба со членовите на Работната група одговорна за односите на Европската унија со земјите од Западен Балкан, Република Албанија, Босна и Херцеговина, Република Македонија и Косово.
Работната група ја сочинуваат експерти од секоја од земјите членки на ЕУ, кои се занимаваат со прашања од областа на општиот политички и економски развој, процесот на стабилизација и асоцијација и финансискиот инструмент за претпристапна помош (ИПА).
На средбата, членовите на Работната група се интересираа за актуелните случувања во Собранието на Република Македонија по одржувањето на референдумот и беа информирани од претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Џафери за текот на дебатата за Предлогот за пристапување кон измена на Уставот на Република Македонија, со насоки за изменување и дополнување на Уставот со цел спроведување на Договорот со Грција.
Учесниците разменија мислења и за динамиката на спроведувањето на реформските процеси во областа на правосудството, безбедносните и разузнавачките служби и борбата против корупцијата.
Од наша страна беше поздравена посветеноста на институциите на Европската унија за перспективата за проширување со земјите од Западен Балкан, а членовите на Работната група изразија подготвеност за целосна поддршка и помош на нашиот пат кон полноправно членство.