Неформални групи

Четврток, 11 април 2019 година

Учество на собраниска делегација на вториот дел од Редовната сесија на ПССЕ во Стразбур

Делегација на Собранието на Република Северна Македонија во Парламентарното собрание на Советот на Европа, учествува на вториот дел од Редовната сесија на ПС на СЕ што се одржува од 8 до 12 април во Стразбур. Во составот на Делегацијата, предводена од Бетиан Китев, се и Шпреса Хадри и Антонијо Милошески.

Во нејзиното обраќање при отворањето на сесијата, претседателот на ПС на СЕ ја повтори важноста на зачувувањето на заедничкиот дом за 830 милиони луѓе, управуван од заедничка правна рамка која ги штити поединците од самоволни одлуки и авторитаризмот и ги дефинура човековите права и фундаменталните слободи.

Според усвоениот дневен ред, Собранието одлучи да одржи итна дебата за „Улогата и мисијата на Парламентарното собрание - главни предизвици за иднината". Заеднички дебати се одржаа за престанок на говорот на омразата и актите на омраза во спортот, како и за улогата на политичките лидери во борбата против говорот на омраза и за јакнење на соработката со ОН и имплементирањето на Одржливите цели за развој.

Китев, учествувајќи на дебатата, рече дека говорот на омраза е екстремна форма на нетолеранција и придонесува кон кривични дела поттикнати од омраза. Ако не се преземат мерки, може да доведе до насилство и поширок конфликт. Тој подвлече дека говорот на омраза не е слобода на говор, бидејќи никој не може да зборува што сака, без оглед на последиците што таквиот говир ги предизвикува. Често слушаме за правото на слободното изразување, но речиси никогаш за одговорноста при нашето обраќање и последиците што може да ги има. Затоа, смета тој, политичарите, јавните личности и сите други, имаат посебна одговорност во врска со ова, поради нивниот капацитет да влијаат врз пошироката јавност. Тие, заедно со владините институции и клучните социјални чинители, треба да се одлучни во борбата прротив говирот на омраза и нетолеранцијата.

Во дебатата за говорот на омразата и актите на омраза во спортот, Хадри го дефинираше говорот на омраза како манифестација на екстремна омраза на личност или група на луѓе поради нивната раса, етничка припадност, религија или пол. Во спортот, продолжи таа, или си поддржувач кој ја следи екипата со љубов, страст, но во рамките на нормалното, или личноста може да биде опсесивен поддржувач што го искажува сиот свој бес акумулиран во текот на седмицата поради домашните проблеми или на работа, во текот на спортскиот настан. Говорот на омраза е тема за која треба повеќе да се раговара, рече Хадри, посебно имајќи предвид дека е неприфатливо спортските терени да бидат загрозени од расизам, ксенофобија и нетолеранција.

Шпреса Хадри, понатаму, при дебатата за одржливите цели за развој, подвлече дека Агендата 2030 на ОН и 17 цели за оддржлив развој нудат посебна рамка за трансформирање на патиштата кон одржливоста во целиот свет. Тие се универзални и треба да се имплементираат од сите земји. Многу од целите можат да се реализираат само со заеднички секторски напор.

Хадри истакна дека меѓусекторската соработка што ќе мобилизира знаење, експертизам, технологија и финансиски ресурси, се потребни да ја поддржат реализацијата на одржливите цели за развој во сите земји. Таа смета дека законодавната функција на парламентот, контролната улога и влијанието при носење на буџетот, претставува можност за унапредување на Агендата 2030 како целина или пак одредени нејзини цели.

Другите прашања за дискутирање вклучуваат промовирање на парламентот, слободен од сексизмот и сексуалното вознемирување и импликациите за човековите права од социјалните медиуми.

Собранието, исто така, расправаше за тн „ландромат" и новите предизвици во борбата против организираниот криминал и перењето на парите и за формирањето на нов механизам за демократија, владеење на правото и фундаменталните права во ЕУ.

При дебатата за ландроматот, Бетиан Китев подвлече дека иако ЕУ ги има зајакнато механизмите за спречување на корупцијата и перењето на пари, сепак, имајќи ги предвид неколкуте немили настани на овој план, тоа е недоволно и бара подобро и поефикасно решение. Во некои случаи, ЕУ институциите реагираа само откако трети фактори преземаа мерки. Притоа, ЕУ треба да ги има предвид огромните варијации на земјите членки во областа на законодавството против перењето пари. Мноштвото регулативи и директиви на ЕУ предизвикуваат потешкотија да се сфати кое од овие законски решенија е вистинското.

Во дебатата за новиот механзам, Китев истакна дека демократијата и владеењето на правото се еднакво важни и меѓусебно се дополнуваат и дека во основа владеењето на правото е предуслов за демократија. Но, во демократијата, каде мнозинството владее, рече Китев, постои опасност од непочитување на правата на поединец или група. За да се избегне каква било злоупотреба на моќта и за кохерентно имплементирање на владеењето на правото, потребно е да постојат механизми за одбрана на човековите права. Китев, во продолжение, смета дека основниот принцип на поделба на власта овозможува функционирање на демократијата. 

Комисионерот за човекови права на СЕ, Дуња Мијатовиќ, го претстави нејзиниот Годишен извештај на активности за 2018 година и одговараше на прашања.

После изнесениот извештај, Китев го праша комесарот за идните предизвици за човековите права и нејзините активности за нивното надминување.

Вообичаено, обраќање имаше и претседателот на Комитетот на министри на СЕ, финскиот министер за надворешни работи, Тимо Соини, а генералниот секретар на СЕ, Торбјорн Јангланд, одговараше на прашања.

На парламентарното собрание му се обратија и премиерот на Грузија, Мамука Бактадже и премиерот на Ерменија, Никол Пашињан.

Премиерот на Грузија го претстави прогресот што неговата земја го постигна во текот на 20 години, колку е членка на СЕ, споменувајќи ги уставните реформи, по независното судство и поголема заштита на човековите права. Тој му заблагодари на Парламентарното собрание, како и на другите институцуи на СЕ, за нивниот придонес и помош во реформирањето на грузиските институции и општество.

Во текот на поставувањето прашања, Бетиан Китев го праша премиерот на на Грузија за вредностите што СЕ ги промовира и шири во неговата земја, со оглед на дополнителниот доброволеен финансиски придонес што Грузија го дава на СЕ.

Премиерот на Ерменија, при неговото обраќање, зборуваше за развојот на демократијата во Ерменија и за позитивната улога на СЕ во нејзининото минато и развој. 

При поставувањето на прашања после неговото излагање, Китев го праша ерменскиот премиер за неговите очекувања во однос на Акциониот план за Ерменија  2019 - 2022 на СЕ.

ПС на СЕ предложи „заедничка постапка за реакција“ која ќе ги опфати двете статутарни тела на СЕ и генералниот секретар во случаи кога држава членка ќе ги прекрши своите статутарни обврски или не ги почитува фундаменталните принципи и вредности. Во резолуцијата и препораката, Собранието истакнува дека таквата процедура би можела да започне од Собранието, Комитетот на министрите или генералниот секретар, и сите три институции би учествувале.

Во текот на сесијата, нашата делегација се сретна со Марија Пејлиновиќ Буриќ од Хрватска и Дидиер Реиндерс од Белгија, кандидати за функцијата генерален секретар на Советот на Европа, за која ќе се гласа на следниот дел на редовната сесија на ПС на СЕ во јуни. На средбите, кандидатите за оваа престижна функција ги претставија нивните програми и планови на активности во полза на подобро функционирање на СЕ.

Делегацијата се сретна и со Лиз Кристоферсен и Валериу Глитечи, известители за нашата земја. На средбата беа договорени логистичките и практичните аспекти на нивната претстојна посета на нашата земја, веднаш по претседателските избори.

Click