Неформални групи

Четврток, 14 март 2019 година

Власта и опозицијата одлучни за патот кон ЕУ и НАТО, разликите се во содржината на Преспанскиот договор

Шефот на Делегацијата на Собранието на Република Северна Македонија во Парламентарното собрание на НАТО,  Илија Димовски, членовите Весел Мемеди и Катерина Кузмановска, денеска остварија средба со делегација на Поткомитетот за транзиција и развој на Парламентарното собрание на НАТО.

Патеката по која одиме, рече Димовски, води кон полноправно членство во ЕУ и НАТО. Предизвиците не беа секогаш од политички карактер. Повеќе од две децении бевме соочени со проблем од нашиот јужен сосед, кој сега е надминат со Преспанскиот договор, кој има и поддржувачи и критичари, но, посочи Димовски, без разлика на содржината на Преспанскиот договор, Македонија е цврсто решена да продолжи по патот кон ЕУ и НАТО.

Од членовите на Поткомитетот за транзиција и развој на Парламентарното собрание на НАТО, Димовски неколкупати беше прашан, каков ќе биде ставот на нивниот претседателски кандидат за ова прашање, на што тој одговори дека разликите се во идентитетските прашања и тоа ќе биде предмет и во кампањата, но дека ставот е дека друг пат освен ЕУ и НАТО нема.

Потпретседателот на Собранието, Весел Мемеди, кажа дека за прв пат во историјата партии на Албанците во првиот круг застануваат зад кандидат Македонец, иако во изборната трка има и кандидат од албанско етничко потекло. Рече дека очекува фер и демократски претседателски избори, исполнување на неопходниот цензус во вториот круг и во јуни добивање датум за почеток на преговорите со ЕУ.

Политичките, реформските и економските критериуми покажуваат дека Северна Македонија се движи во позитивна насока, рече Кузмановска, за реформските закони процесот е инклузивен со опозицијата без чија помош нема да успееме. Димовски се согласи дека има зголемување на директните странски инвестиции и раст на просечната плата. Ќе се направи неопходната ревизија за финансирање на армијата според НАТО стандардите.

На средбата беше изразена јасната поддршка од делегацијата на Поткомитетот за транзиција и развој на Парламентарното собрание на НАТО за реформите и преземените чекори во Република Северна Македонија.  

Click