Понеделник, 26 април 2021 година
Видео состанок на членовите на Управувачките групи на Собранието и шведскиот Риксдаг
Во рамките на соработката помеѓу Риксдагот на Шведска и Собранието на Република Северна Македонија, денеска, се одржа видео состанок меѓу членовите на Управувачките групи на двете страни.
На состанокот учествуваа претседателот на Управувачката група и потпретседател на Собранието, г. Фадил Зендели, како и членовите г. Мартин Костовски, г-ѓа Маја Морачанин, г-ѓа Гордана Силјановска-Давкова, г. Александар Велјановски, г-ѓа Арта Билали Зендели, г-ѓа Арбана Пашоли и г. Халил Снопче.
Во воведните зборови на претседавачите г. Фадил Зендели и г-ѓа Лота Џонсон Форнаве беше поздравена соработката иницирана од шведската страна, која има за цел да придонесе за размена на искуства, пренесување на добри практики и подобро меѓусебно разбирање на пратениците.
На видео средбата учествуваа и генералните секретари на двата законодавни дома, г-ѓа Цветанка Иванова и г. Ингвар Матсон, кои дадоа краток вовед во парламентарната демократија во шведски и македонски контекст, законодавната улога на работата на Парламентот и на комисиите, а пратеникот Ниеми Пири, претседател на комисијата за Европски прашања во шведскиот Риксдаг и пратеничката Маја Морачанин се осврнаа на улогата и условите за работа на пратениците во односните парламенти.
![](content/2021 sliki/VideoSostanok4.jpg)
Во вториот дел на состанокот, пратениците на двата парламенти се поделија во четири работни групи, во кои дискутираа за улогата на парламентот во законодавниот процес и потребата од промени или подобрувања, потоа за менувањето на улогата и работата на парламентот со текот на времето и главните предизвици и можности со кои се соочуваат, општите услови за работа на пратениците, сличностите и разликите меѓу двете држави, а се информираа и за неформалните структури на парламентарната работа и работните односи и структурите за дијалог меѓу Парламентот и Владата.
Пратениците резимираа од групните дискусии за спецификите на парламентарната работа, деловниците за работа, постоењето на календар за работа, фиксни денови за гласање, фреквенцијата на пратенички прашања, унапредувањето на родовата рамноправност и соработката со граѓанскиот сектор.
Оценувајќи ја размената како многу интересна и корисна за добивање на појасна слика и за воочување на сличностите и разликите меѓу двата законодавни дома, членовите на Управувачките групи на Собранието и на Шведскиот Риксдаг се договорија следниот видео состанок да го одржат на 11 јуни 2021 година, а до крајот на годината да се одржи состанок со физичко присуство или во Северна Македонија или во Шведска.