Вторник, 28 април 2009 година

Претседателот на Собранието, г. Трајко Вељаноски се сретна со специјалниот известувач на Обединетите Нации за слобода на религијата и убедувањето, г-ѓа Асма Џахангир

На средбата претседателот на Собранието, г.Трајко Вељаноски истакна дека Република Македонија е мултиетничка, мултикултурна и мултиконфесионална држава во која гледано историски секогаш постоела висока толеранција и недискриминација помеѓу припадниците на најразлични вероисповеди и религиозни групи. Ова историско наследство денеска е вградено и во Уставот и во законите. Со ова не само формално, туку и во практиката се потврдува толеранцијата и недискриминацијата на секој поединец, без разлика на неговата религиозна припадност. Во Република Македонија доминантни се две религии, православната и исламската на кои му припаѓаат и најголем број на граѓани, но со Уставот и законите се обезбедуба целосна рамноправност и на помалите верски заедници.



Петок, 24 април 2009 година

Претседателот Вељаноски оствари средба со поранешните претседатели на Собранието на Република Македонија

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски денеска оствари работна средба со поранешните претседатели на Собранието, господата Стојан Андов, Тито Петковски, Никола Поповски, Љупчо Јордановски и Љубиша Георгиевски. Поради отсуство од државата не присуствуваше господин Саво Климовски. На средбата која беше на иницијатива на претседателот на Собранието г. Трајко Вељаноски најголемо внимание беше посветено на подготовките за донесување на Закон за Собранието на Република Македонија, но од негова страна беше истакнато дека вакви средби ќе има и понатаму, бидејќи искуствата на сите претходни претседатели е големо и може да придонесе во јакнењето на улогата и ефикасноста на Собранието. Сите учесници ја поздравија иницијативата за ваква средба, истакнувуајќи дека Закон за Собранието е потребен.



Петок, 24 април 2009 година

Средба на претседателот Вељаноски со делегацијата на Комисијата за надворешна политика на Сенатот на Чешката Република

Претседателот на Собранието на Република Макдонија, г.Трајко Вељаноски денеска ја прими делегацијата на Комисијата за надворешна политика на Сенатот на Чешката Република, предводена од претседателот на комисијата г.Јиржи Динстбиер. Изразувајќи благодарност за принципиелната поддршка на Чешката Република на нашата држава во евроинтегративните процеси претседателот на Собранието Трајко Вељаноски истакна дека Република Македонија ги исполни сите услови за укинување на визниот режим, како и за добивање датум за отпочнување на преговорите со Европската унија.



Четврток, 23 април 2009 година

Средба на претседателот на Собранието, г.Трајко Вељаноски со претходните претседатели на Собранието на Република Македонија

Претседателот на Собранието, г.Трајко Вељаноски утре 24 април ќе оствари средба со претходните претседатели на Собранието на Република Македонија, господата Љубиша Георгиевски, Љупчо Јордановски, Никола Поповски, Саво Климовски, Тито Петковски и Стојан Андов. На средбата најголемо внимание ќе биде посветено на подготовките за донесување на Законот за Собрание на Република Македонија, а ќе се разгледаат и други актуелни прашања поврзани со работата на парламентот.



Четврток, 23 април 2009 година

Средба на претседателот на Собранието на Република Македонија г. Трајко Вељаноски и новоизбраниот претседател на Република Македонија г. Ѓорге Иванов

Претседателот на Собранието Трајко Вељаноски денеска оствари средба со новоизбраниот претседател на Република Македонија Ѓорге Иванов. На средбата посебно внимание беше посветено на натамошното продлабочување на соработката меѓу двете највисоки институции во државата. Претседателот на Собранието на Република Македонија Трајко Вељаноски и претседателот Ѓорге Иванов истакнаа дека тоа продлабочување на соработката е потребно заради поефикасно функционирање на сите државни институции, секако почитувајќи ги уставните и законските надлежности.

Click