Совети

Понеделник, 30 септември 2019 година

ЈАВНА РАСПРАВА: „ЕВРОПСКИ ВРЕДНОСТИ ЗА ИДНИНАТА НА ЈУГОИСТОЧНА ЕВРОПА-МЛАДИНСКИТЕ ПОЛИТИКИ И СОРАБОТКА"

Националниот совет за евроинтеграции денеска организираше јавна расправа на иницијатива на Младинскиот сојуз како завршна активност на 17. Меѓународната Младинска конференција која се одржа од 26-29 септември 2019 година во Крушево. На јавната расправа учествуваа млади мотиватори од 16 земји од регионот и од ЕУ.

Во поздравното обраќање претседателот на Советот, г.Никола Попоски истакна дека предизвиците со кои денес се соочуваат младите се поврзани со демократијата, владеењето на правото, фундаменталните права, геополитичките движења, актуелните миграции и останатите предизвици на 21-от век, и истите бараат приоритетно дејствување.

Претседателот на Младинскиот сојуз, г.Методија Стојчески во поздравното обраќање, истакна дека активниот граѓански сектор има акумулирано знаење, информации и вештини со кои можат на институциите на системот  и доносителите на одлуки да им помогнат во креирање на одржливи политики за разни целни групи.

На јавната расправа четири млади модератори презентираа препораки од 17. Меѓународна младинска конференција. 

Клучни препораки на темата „Да заминам или не?” презентирани од Милица Дедиќ од Црна Гора се: кампања за подигнување на свеста за важноста на владеењето на правото и демократските вредности во ЈИЕ; воспоставуавње на независен медиумски сојуз во ЈИЕ; започнување инклузивен процес за донесување на здравствени политики врз основа на докази. 

Препораки за темата „Работа од иднината” презентирани од Флорентс Тсеали од Грција се: редовни консултации на засегнатите чинители што водат кон нови дигитални политики на трудот; воспоставување на јавен инструмент за натамошен развој на неформалното образование што би било следено од независни, студентски советодавни одбори; создавање онлајн платформа за поврзување и поттикнување на комуникацијата меѓу локалните, нацоналните и регионалните институции вклучувајќи ги сите релевантни актери на младинските програми за мобилност.

За темата „Денешната младина” препораките ги презентираше Нино Преложњак од Хрватска: промоција на истражување за конкретни потреби и проблеми на младите спроведено во партнерство со репрезентативни засегнати страни; формирање национално тело за следење и редовно известување за спроведувањето на постојната стратегија за млади и акциски планови во кои младинската работа се препознава како професија; организација на годишен самит - награди за солидарен активизам во земјите од ЈИЕ.

Препораки за темата „Климатски промени” презентирани од Виолета Меото од Италија се: владите во ЈИЕ да воспостават построги правила за јавни набавки, стимулирање на деловни практики кои ќе овозможат премин кон кружна економија; вклучување на образовни предмети за рециклирање и одржливост во наставната програма за основно образование; изготвување на иновативни образовни материјали; имплементирање на построги регулативи со кои ќе се поттикне индустријата да се придржува кон стандардите за емисии и воспоставување на независно тело за проценка на имплементацијата на стратегиите и следење на усогласеноста на стандардите.  

Во дебатата учествуваа: г. Никола Попоски претседател на Советот, г-ѓа Ивана Туфегџиќ потпретседател на Советот, г-ѓа Нола Исмајлоска Старова, пратеник, г-ѓа Елена Кочоска од "Полио Плус", г-ѓа Милева Ѓуровска од Европско движење во Република Северна Македонија и г.Иван Комушанац од Win Europe од Хрватска.

Претседателот на Советот, г. Никола Попоски ги поздрави препораките од Меѓународната младинска конференција при што стави акцент на прашањето што може да извлечеме како поука од истите во сегашната актуелна дебата. Темата за иселувањето на младите според Попоски е линеарен тренд кој се одвива во сите земји. Младите треба да излезат од државата, да се стекнат со подобро образование и искуство и истото на најдобар начин да го пренесат дома. 

Потпретседателот на Советот, г-ѓа Ивана Туфегџиќ  ги оцени препораките како одлични и изрази очекување дека претставниците од дипломатскиот кор ќе ги запознаат своите  влади со нивната содржина. Особено важно младите да добијат шанса и да учествуваат во креирањето на политики и истовремено ги охрабри граѓанските организации да продолжат со креирање на препораки  и да отвараат важни теми за дебата.

Пратеничката Нола Исмајлоска Старова искажа задоволство од препораките и можноста во иднина да се креираат идеи, каде политичарите и младите луѓе ќе бидат партнери во нивната реализација.  Потребно е младите да излезат надвор од државата, да се стекнат со подобро образование и искуство, и истото да го пренесат во нашето општество.

Претставникот од Полио Плус-здружение против хендикеп, г-ѓа Елена Кочоска се осврна на вклученоста на препораките согласно Конвенцијата на ООН за правата на лицата со хендикеп, и на инклузивноста и дискриминацијата на младите со попреченост во општеството, преку јавната свест, образовните политики, вработувањето. 

Претседателот на Европското движење, г-ѓа Милева Ѓуровска истакна дека младите треба да ја креираат иднината и општеството според своите желби и потреби. Како една од можностите ја истакна и потребата од активна вклученост на младите во креирање на политиките во доменот на аграгот, сѐ со цел вработување и подобри социјални политики. 

Претставникот од Win Europe од Хрватска, г. Иван Комушанац се осврна на вработувањето на младите во енергетскиот сектор и изрази задоволството од придвижувањето на политиката за обновлива енергија во нашата држава. Генерално, за регионот и Европа ја нагласи потребата од поедноставување на законската рамка за обновливите енергии и генерирање поголеми вработувања на младите.

Препораките заедно со Извештајот од јавнатa расправа, Националниот совет за евроинтеграции ќе ги проследи до сите заинтересирани страни во државата и до амбасадите на земјите-членки на ЕУ во државата.

 стенографски белешки         извештај 

Click