Меѓународни организации и интеграции



Вторник, 16 април 2013 година

МЕЃУНАРОДНА КОНФЕРЕНЦИЈА „ЕВРОПСКАTA ИНТЕГРАЦИЈА НИЗ СОРАБОТКАТА НА ПАРЛАМЕНТИТЕ, ГРАЃАНСКОТО ОПШТЕСТВО И НЕЗАВИСНИТЕ РЕГУЛАТОРНИ ТЕЛА ВО ЈИЕ"

 Во рамките на македонсокото претседавање со Процесот за соработка во Југоисточна Европа - ПСИЈЕ (SEECP - South-East European Cooperation Process), која се одвива под мотото Солидарност во акција, Собранието на Република Македонија и Европското движење во Република Македонија на 15 и 16 април, во Скопје организираа Меѓународна конференција на тема Европската интеграција низ соработката на парламентите, граѓанското општество и независните регулаторини тела во Југоисточна Европа.

Уште при преземањето на претседателството со парламентарната димензија на ПСЈИЕ, во јули 2012 година е нагласена подготвеноста за продолжување со сите претходно практикувани форми на регионална парламентарна соработка. Во тој контекст Меѓународната конференција претставува континуитет на претходната конференција одржана во текот на српското претседателство со ПСЈИЕ, во Белград во април 2012 година со слична структура на учесниците со акцент на поттикнување на дијалогот и размената на позитивите искуства во евроинтеграциските процеси со вклучување и учество на организациите на цивилното општество од регионот.

Притоа се имаше предвид дека од институциите на ЕУ, Меѓународното европско движење и многу други невладини и независни органи, вклучувајќи ги оние од регионот на ПСЈИЕ, беше постојано нагласувана потребата за про-активен граѓански сектор. Потребата за поголема демократизација и активни граѓани беше особено актуелизирана во државите аспиранти за интеграција кон Унијата, по чиј повод Европската комисија во соработка со Меѓународното европско движење ја донесоа Задарската декларација, потоа Љубљанската декларација поттикнувајќи редица други иницијативи за дијалог.

Инцијативата за одржување на конференција со ваков наслов произлезе од потребата да се знае повеќе за актуелните состојби во земјите од регионот и во Европската унија, каде што јасно е изразена потребата за промени кои ќе доведат до натамошна консолидација и развој. Таа е мотивирана и од потребата за синергично и координирано дејствување во евроинтеграциските процеси на парламентите, невладините организации и другите независни актери кои дејствуваат кон остварување на истата цел, и покрај разликите во нивните пристапи.

Нa Конференцијата учествуваа пратеници, претставници на националните совети на европските движења и на независните регулаторни тела од државите членки на ПСЈИЕ (Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Романија, Србија, Словенија и Турција), како и претставници на Советот за регионална соработка (РЦЦ) од Сараево и Регионалниот секретаријат за парламетарна соработка во ЈИЕ од Софија. Конференцијата беше отворена за јавноста и во целост е емитувана преку Парлментарниот канала на Македонската радио телевизија.

Поздравни и воведни обраќања имаа претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски, вицепремиерот за европски прашања, г. Фатмир Бесими, амбасадорот на Европската унија, г. Аиво Орав, амбасадорот на САД, г. Пол Волерс, амбасадорот на СР Германија, г-ѓа Гудрун Штајнакер, генералниот секретар на Меѓународното европско движење, г. Диого Пинто и претседателот на Европското движење во Република Македонија, г-ѓа Милева Ѓуровска.

Притоа беше набележано дека моделите и искуствата сврзани со конституирањето и функционирањето на независните регулаторни тела и нивните релации со парламентите и организациите на цивилното опшество се различни и зависни од нивните правни системи, нивната политичка и културна традиција. Но, истакнато е дека можноста за размена на искуства е од знаечње за запознавање и примена на потврдените добри практики и избегнување на се она што другите веќе утврдиле дека се практики кои не даваат добри резултати.

Нагласено е дека прашањата поврзани со местото и улогата на независните регулаторни тела, особено во однос на заштитата на човековите права, антидискриминцијата, превенцијата на корупција за земјите од ЈИЕ се од значење за потврдување и достигнување на европските стандарди во корист на граѓаните, без оглед на нивната национална, религиска, родова, културна и која било друга различност.

Потсетено е дека парламентите, како вистински претставници на волјата на граѓаните, претставуваат централна демократска институција во современото општество. Но, за да можат вистински и целосно да ја играат улогата на клучна институција во политичкиот систем, парламентите треба да бидат почитувани од сите учесници во политиката. Во транзиционите општества на парламентите им е потребна поголема поддршка од јавноста и медиумите и поголем респект од страна на политичките партии за да можат постепено да ја достигнат својата клучна улога во демократскиот живот. Кога, пак, државата е во процес на пошироко интегрирање, поддршката на парламентите треба да е недвосмислена и од надвор, од меѓународните субјекти.

Само силен и почитуван парламент може да придвижи реформи во една држава и реално да врши контрола врз власта. А контролната улога на парламентите е од суштинско значење и таа не може да се остварува соодветно без постоење на независни регулаторни тела одговорни за заштита на граѓанските права и за контролата на законитоста во работата на јавната власт. Со оглед дека препораките на овие тела не се задолжителни, организациите на цивилното општество и јавноста се од исклучителна важност заради создавање на општествен притисок за нивна имплементација. Тоа особено се однесува на појавите на корупцијата и антидискриминацијата. Потребна е постојана граѓанска и парламентарна поддршка на регулаторните тела во остварување на нивната функција. Таа е од големо значење за промоција на демократските процеси и владеењето на правото во земјите на ПСЈИЕ.

Дискусиите беа поделени во три теми: европската инеграција и проширувањето, низ соработката меѓу парламентите, граѓанското општество и независните регулаторни тела во ЈИЕ; демократија и човековите права меѓу законодавството и општествените практики; економската криза - предизвик за солидарно дејствување на парламентите, граѓанскиот сектор и регулаторните тела.

Вториот ден, беше усвоена Заедничка изјава во која, меѓу другото, се истакнува улогата на парламентаризмот и националните парламенти во фунционирањето на демократското општество која е зголемувана и се зголемува со секој чекор во евроинтеграциските процеси. Во неа е нагласенo и дека континуираната регионална соработка која придонесува за подобрување на односот меѓу парламентите, независните регулаторни тела и организациите на цивилното општество е општа потреба согласно со интересот на граѓаните за заштита и унапредувања на нивните права.

Парламентарната димензија на ПСЈИЕ во изминатите 15 години постојано придонесувалa преку конференциите на претседателите на парламентите од регионот да се засилува заедничката позиција во корист на регионалната соработка и европската интеграција, а денес таа соработка се развива во правец на институционализација во форма на регионално парламентарно собрание. Со тоа би била создадена значајна можност за изградба на нова интеракција со регионалните организации на цивилното општество и независните регулаторни тела фокусирана на прашањата од примарен интерес, какви што се човековите права, владењето на правото, економскиот развој, достоинствена работа, како и подобра трансевропска енергетска и транспортна инфраструктура во ЈИЕ.

Завршниот документ ќе биде упатен до: Самитот на шефовите на држави и влади на ПСЈИЕ, Десеттата конференција на претседателите на параламентите на ПСЈИЕ, Меѓународното европско движење, Европскиот парламент, Европската комисија, Парламентарното собрание на ОБСЕ, Парламентарното собрание на Советот на Европа, Парламентарното собрание на Централноевропската иницијатива и Советот за регионална соработка за охрабрување и проектно поддржување на иницијативите кои ќе произлезат од Конференцијата.

Во текот на Конференцијата се одржа и состанок на Работната група за парламентарна димензија на ПСЈИЕ. На состанокот присуствуваа претставници од парламентите на Македонија, Бугарија, Грција, Хрватска, Романија, Србија, Словенија, Турција, како и од Регионалниот секретаријат за парламентарна соработка во Југоисточна Европа и Советот за регионална соработка. Отворајќи го состанокот, актулениот претстадавач со Работната група, пратеникот г-ѓа Ермира Мехмети-Деваја истакана дека присуството на членовите на Групата го потврдува интересот и посветеноста на парламентите на ПСЈИЕ за соработка на теми од заеднички интерес за регионот. Во текот на расправата посебно внимание се посвети на работните материјал за основните принципи, насоките и процедурите на идниот парламентарен форум. Ова беше деветиот состанок на Работната група, а трет за време на Македонското претседателство. Следниот состанок ќе се одржи за време на Десеттата конференција на претседателите на парламенти во Охрид, кај што се очекува да дојде до финализирање на предлозите сврзани со новата фаза во развојот на парламентарната димензија на ПСЈИЕ.

Претставници на националните совети на европските движења од Македонија, Албанија, Бугарија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Црна Гора, Србија, Турција и генералниот секретар на Меѓународното европско движење имаа регионален сотанок. Модератори на состанокот беа: г-ѓа Милева Ѓуровска – претседател на Европското движење во Република Македонија и г. Константин Миновски, генерален секретар на Европско движење во Република Македонија. Остварена е корисна размена на искуства за лобистичката подршка на европските движења во процесот на евроинтеграција. Разговарано е и за можните проекти и програми од регионале интерес. Посебно внимание е посветено на разгледување на можноста за воспоставување на Мрежа за соработка на европските и про-е вропски ориентираните движења од ЈИE.

На Меѓународната конференција имаа обраќања високи домашни и странски претставници, а во панел-дискусиите и на двата состанока во незините рамки учествуваа, по разни основи, претставници на сите земји членки на ПСЈИЕ (со исклучок на Молдавија). Дијалогот и соработката на националните парламенти со независните регулаторни тела и националните совети на европските движења и други организации на цивилното општество е од значење за општата визибилност на ПСЈИЕ и претставува придонес на изградување на свеста и на поддршката на невладиниот сектор и на цивилното општество на активностите кои се преземаат во рамките на парламентарната димензија на ПСЈИЕ. Остварените активности беа евидентна потврда за готовноста во текот на Македонското претседателство со ПСЈИЕ да се придонесe на добрососедската соработка и на евроинтеграциските процеси во регионот. Собранието на Република Македонија и Европското движење на Република Македонија се потврдија како успешни организатори со капацитет да остваруваат иницијативна и координативна улога во засилувањето и развојот на вкупната регионална соработка во рамките на ПСЈИE.

Конференцијата и состаноците беа поддржани од Фондацијата Фридрих Еберт, Американската агенција за меѓународен развој и Националниот Демократски Институт, Амбасадата на СР Германија и Министерството за одбрана. Република Македонија и регионот. 

ЗАЕДНИЧКА ИЗЈАВА

Click