Собраниско раководство



 

ДИМЧЕ СТОЈАНОВ - МИРЕ

 

 

 

 
  
 
Еден од учесниците во националноослободителното движење и член на Президиумот на АСНОМ. Роден е во Прилеп во 1910 година. Дипломирал историја на Белградскиот универзитет. Од 1935 до 1940 година бил професор во Прилеп, а потоа во Кратово и во Ловеч (Бугарија). Бил активно вклучен во комунистичкото движење.

Поради неговата антифашистичка ангажираност бил интерниран во логорот „Чучулигово“ (Пиринска Македонија). По излегувањето од затвор, се вклучил во акциите на Втората народноослободителна бригада, а потоа и во Петтата. Бил избран за член на АСНОМ, а на неговото Второ заседание бил избран за член на Президиумот и повереник за просвета.
     
По ослободувањето Димче Стојанов - Мире извршувал одговорни државни и општествено-политички функции, меѓу кои бил и претседател на Народното собрание на Народна Република Македонија.
     
Неговиот избор за претседател е извршен на 4 јануари 1951 година, и тоа едногласно, од страна на сите пратеници. По изборот им се обратил на народните пратеници со краток говор:
     
„- Ние од своја страна ќе се трудиме да ја оправдаме оваа голема чест и доверба и ќе вложиме усилби со својата работа да придонесеме во општите напори што ги вложува нашиот народ за изградба на социјализмот.“
     
На истата седница претседателот на Собранието Димче Мире ги известува народните пратеници дека Народното собрание од Второто свикување примило многубројни телеграми од сите краишта на НР Македонија во кои населението бара од Народното собрание, како највисок орган на народната власт, да донесе закон за симнување на зарот и фереџето.
    
Димче Стојанов исто така се залагал за доследна примена на Уставот и побарал од пратениците посамопрегорно да се ангажираат во натамошното продлабочување на социјалистичката демократија, за подигнување на благосостојбата и за јакнење на морално-политичкото единство на македонскиот народ, за јакнење и продлабочување на братството и единството на нашиот народ со другите народи и народности.
     
Димче Стојанов - Мире бил и директор на Архивот на Македонија во периодот 1960-1978 година. Починал во Скопје во 1991 година. 

Click